Шефицата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска ќе се жали на одлуката за суспензија пред Советот на јавни обвинители, за што има рок од осум дена. Обвинителката од вчера повеќе нема пристап до материјалите на коишто работела, а засега нема информации кој ќе ги преземе нејзините предмети.
„До избор на нов шеф со Обвинителството за организиран криминал ќе раководи обвинителот кој Русковска го определила како заменик со годишниот распоред за работа на обвинителите“, изјавил државниот јавен обвинител Љубомир Јовески за Дојче Веле.
Русковска ќе треба да биде заменета од обвинителката Ивана Трајчева, против која исто така е покрената дисциплинска постапка.
Јовески вели дека покренатата дисциплинска постапка против Трајчева нема да влијае врз одлуката да ја менува нејзината досегашна шефица.
„Јавното обвинителство и Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција непречено функционираат и продолжуваат активно да постапуваат без разлика на поведените дисциплински и други постапки против поединци. Со решението за оддалечување од функцијата за еден јавен обвинител, наведениот јавен обвинител е задолжен сите предмети и ствари со кои е задолжен да ги предаде на јавниот обвинител кој со годишниот распоред треба да го менува. Сите предмети ќе бидат времено рaспоредени кај друг надлежен јавен обвинител и по нив постапката ќе продолжи со несмален интензитет“ – објаснуваат од ЈОРСМ.
Јовески вчера ја суспендираше обвинителката Русковска и поведе дисциплинска постапка за неа и за нејзините соработнички – обвинителките Елизабета Јосифовска и Ивана Трајчева. Тој смета дека тие направиле „крупна професионална грешка“.
Директорот на Управата за финансиска полиција, Арафат Муареми, пак, во исто време соопшти дека се повлекува од позицијата „за да не постои ни најмал сомнеж во интегритетот, непристрасноста и независноста на постапката која што и понатаму останува да се води во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција“.