Над 800 воени објекти на украинската воена инфраструктура уништиле руските војници, соопшти денеска портпаролот на руското Министерство за одбрана, генерал-мајор Игор Конашенков.
„Руските вооружени сили уништија 821 украински воен објект, вклучувајќи 14 воени писти, 19 контролни центри и комуникациски центри, 24 противвоздушни системи С-300 и одбранбени ракетни системи Оса, како и 48 радари“ – додаде тој.
Конашенков додаде дека руските сили собориле седум украински авиони и исто толку хеликоптери.
Украинскиот министер за здравство, пак, Виктор Лиашко изјави дека 198 Украинци се убиени, меѓу кои и три деца, откако Русија ја почна инвазијата врз својот западен сосед во четвртокот.
Во објава на Фејсбук, Лиашко исто така вели дека 1.115 Украинци се ранети, меѓу кои 33 деца, во тридневните борби.
Градоначалникот на Киев, Витали Кличко, изјави дека 35 лица се повредени во борбите што се воделе низ улиците на Киев изминатата ноќ. Меѓу повредените има и две деца.