
Кога семејствата редовно јадат заедно, експертите велат дека тоа носи многу придобивки – од поголемо емоционално задоволство до поздрава исхрана. Сепак, пронаоѓањето време секоја вечер да се седне заедно на маса може да изгледа како многу тешка задача.
Дури и кај семејствата што успеваат заедничките оброци да им станат реалност, сеприсутното користење уреди, како паметни телефони и телевизори, за време на оброците претставува уште еден фактор што го попречува поврзувањето.
Според ново истражување во кое биле анкетирани повеќе од 350 родители, повеќе од 75 отсто од нив навеле дека користеле некаков уред за време на последниот семеен оброк, а најчесто користеле паметни телефони.
Покрај тоа, родителите навеле дека нивните деца, на возраст од 4 до 10 години, речиси еднакво често користеле уреди, при што речиси 70 отсто од децата исто така користеле некаков уред.
Резултатите се објавени во списанието „ЏАМА педијатрикс“.
– Уредите се присутни во нашите животи повеќе отколку што сфаќаме – вели Сесилија Сада Гарибај, коавторка на истражувањето и докторанд на Универзитетот во Аризона. Таа се надева дека имајќи го тоа предвид, родителите ќе станат посвесни за тоа како нивните уреди можат да влијаат врз нивните најблиски односи, оние што ги имаат со своите деца.
– Ако имате уред и постојано го проверувате додека сте на маса, тоа може да влијае врз драгоцениот момент што родителите го имаат во текот на денот со своите деца и може да има одредено влијание врз односот што го имаат со нив – вели Сада Гарибај, која е и професорка на Факултетот за комуникации при Универзитетот Панамерикана, каде што го истражува влијанието на социјалните мрежи.
Истражувачите утврдиле дека кога семејствата редовно седнуваат и јадат заедно, целото семејство има придобивки, вклучително и поздрава исхрана, помал ризик од употреба на психоактивни супстанции кај тинејџерите и поголемо емоционално задоволство.
Меѓутоа, според Сада Гарибај и други експерти, самиот оброк не е магичната состојка што ги носи овие придобивки.
Зошто семејната вечера е толку корисна?
Некои од придобивките поврзани со семејните вечери се однесуваат на храната што се наоѓа на масата, како што е пониската стапка на дебелина. Но, кога станува збор за емоционалните придобивки, воопшто не е важно што има на масата, вели д-р Марџи Скир, професорка по јавно здравје и медицина во заедницата на Медицинскиот факултет на Универзитетот Тафтс, која истражува како семејните оброци можат да ги заштитат адолесцентите од низа опасности.
– Семејните оброци можат да обезбедат однапред одредено време за да се провери како е секој член на семејството, да се споделат чувства и емоции. Тоа е постојано семејно поврзување – вели Скир, која не учествувала во новото истражување.
Д-р Ен Фишел, вонредна професорка по психологија на Медицинскиот факултет на „Харвард“ и директорка на Програмата за семејна и брачна терапија при Општата болница во Масачусетс, во 2010 година го основала проектот „Фемили динер проџект“, со цел да ги едуцира родителите како да ги искористат придобивките од семејните вечери и покрај преполните распореди.
Според Фишел, која исто така не учествувала во новото истражување, оброците се најсигурната можност што многу семејства ја имаат за секојдневно поврзување.
– Заедничките оброци се и ритуал што создава потпора, предвидливост и чувство на идентитет. Ритуалите им даваат чувство на удобност и на возрасните и на децата – вели таа.
Различни начини на користење уреди, различни резултати
Новото истражување ја испитувало зачестеноста на индивидуалното и заедничкото користење уреди кај родителите и децата, како и видовите уреди што ги користеле.
– Не се сите начини на користење уреди исти – вели Сада Гарибај. Користењето уреди со големи екрани почесто подразбира дека родителите и децата заедно гледаат иста содржина, што може да создаде можности за поврзување на начин на кој индивидуалното користење телефон или таблет не може – вели таа.
На пример, заедничкото гледање квиз за време на вечерата би можело да им овозможи на семејствата многу можности за поврзување, вели Сада Гарибај. Меѓутоа, она што го покажало истражувањето не биле чести семејни филмски вечери, туку широко распространето индивидуално користење паметни телефони.
Кога семејните вечери ги прекинуваат звуците на известувања од паметните телефони или кога децата се задлабочени во своите таблети, велат Сада Гарибај и други експерти, некои од придобивките од семејната вечера може да бидат намалени.
Не постои едно решение за сите: Како да ги приспособите семејните оброци
Извештајот „Ворлд хепинес репорт“ за 2025 година покажал дека од 2003 до 2023 година во САД продолжила да расте зачестеноста на јадењето сами кај сите возрасни групи, при што околу 25 отсто од возрасните во 2023 година ги јаделе сите свои дневни оброци сами.
За време на ковид-пандемијата, кога многу семејства поминувале повеќе време заедно дома, Фишел забележала повторно зголемување на бројот на семејни вечери.
Податоците од пописот на населението од 2022 година покажуваат дека речиси 85 отсто од родителите често ги споделувале оброците со своите деца, а Скир вели дека и понатаму гледа многу семејства кои му даваат приоритет на ова.
„Семеен оброк“ може да биде и заедничка ужина
Дури и само заедничкото стоење покрај кујнскиот пулт, делењето кесичка чипс и разговорот насамо со детето за тоа како се чувствува може да биде можност за поврзување.
Пронаоѓањето време за само еден посветен семеен оброк неделно со оставање на телефоните настрана 20 до 30 минути за време на појадокот, ручекот или вечерата би можело да вреди, кога заеднички оброк секоја вечер едноставно не е возможен.
Извор: CNN
Фото: Magnific