Рама: Целиот регион се соочува со кибер-напади

Албанскиот премиер Еди Рама кој е во Њујорк на 77. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации рече дека целиот регион се соочува со кибер-напади.

„Целиот регион се соочува со напади од ваков карактер, вклучително и Црна Гора и Северна Македонија“ – рекол Рама на средбата што ја одржал со шефови на држави и влади во Њујорк.

Зборувајќи за повеќекратните напади врз Албанија, тој информирал дека дигиталните системи на албанската влада биле нападнати од Исламската Република Иран, што е констатирано по детална експертиза на тимот на Мајкрософт и тимот на специјализирани американски агенции.

„Поради оваа причина дипломатските односи со Иран веднаш ги прекинавме а на персоналот на амбасадата му дадовме рок од 24 часа да ја напушти нашата земја, што и го направи“ – додал тој.

Премиерот Рама ја повторил цврстата поддршка на Албанија за Украина, а во однос на дискусиите за енергетската криза на глобално ниво, истакнал дека Албанија не зависи од рускиот гас, туку 100 отсто се базира на енергија од хидро извори.