„Срамно е што една земја членка на НАТО – Бугарија, киднапира две други земји членки на НАТО – Албанија и Северна Македонија во време на жестока војна во дворот на Европа“.
Ова е изјава на албанскиот премиер Еди Рама денеска пред почетокот на Самитот ЕУ – Западен Балкан.
Тој истакна дека Албанија не се чувствува како жртва на овој процес, бидејќи како што нагласи, секогаш ќе има по некоја Бугарија „овде или онде” што може да блокира.
„Во исто време ние не го менуваме нашиот курс. Она што треба да го правиме е да продолжиме да ја градиме Европа дома“ – изјави Рама.
Тој нагласи дека во сегашната ситуација иницијативата „Отворен Балкан” е вистинското решение за регионалната соработка и дека таа останува отворен за сите што сакаат да се приклучат кон неа.
„Ние ќе продолжиме на европскиот пат затоа што нема друга алтернатива, но европскиот дух мораме да го градиме во нашиот регион“ – истакна Рама.
За доделувањето на кандидатскиот статус на Украина, Рама рече дека С.Македонија веќе 17 години е земја кандидат за членство, Албанија е 8, потенцирајќи дека добивањето кандидатски статус е добра работа, но им порача на украинските граѓани да немаат многу илузии.