Рама: Отворен Балкан не нé обединува со Косово, но и не нé раздвојува!

Премиерот на Албанија – Еди Рама, по денешната заедничка седница на неговата и Владата на Косово, изјави дека иницијативата Отворен Балкан не ги обединува неговите ставови со оние на косовскиот премиер Албин Курти, но тоа не е пречка за билатералните односи.

Рама изјави дека сé она што неговата влада го спроведува во рамки на Отворен Балкан ќе го спроведе и во однос на Косово.

„Навистина Отворен Балкан не нé обединува со Косово, но и не нé раздвојува. Во оваа точка имаме различни видувања, но тие видувања не нé спречуваат во билатералните односи да продолжиме напред. Мојата порака за мојата Влада е дека сé она што го заживуваме во Отворен Балкан треба да го заживееме и со Косово. Сите компании кои придонесуваат во трговскиот обем меѓу двете земји и немаат ризичност, ќе имаат овластување да користат еден коридор на царинската контрола. Ова го имаме во Отворен Балкан и го сакаме со Косово“ – рече Рама.

Тој нагласи дека укинувањето на царинските такси од Албанија ќе започне еднострано, бидејќи „Косово побара малку време за економска анализа“.

„Бизнисмените Албанци за мене припаѓаат на Албанија и на сите. За мене е значајно Албанија да биде подготвена да ги прими. Среќен сум за секоја инвестиција што доаѓа кај нас. Јас се среќавам со косовските бизниси и тоа не е нешто што се однесува на односите со Владата на Косово“ – рече Рама.