Рама: Имаме одговорност пред народот, на чело на државата да дојде нормален човек

Еди Рама – албанскиот премиер изјави дека една од работите што владејачкото мнозинство мора да ја направи е да се избере нов претседател во април. Иронизирајќи го актуелниот претседател Илир Мета, Рама рекол дека во следните 5 години на чело на државата треба да дојде нормален човек.

„За претседател мора да размислиме како да се консултираме со граѓаните за оваа одлука, мораме да најдеме начин да добиеме мислење од граѓаните за новиот претседател на Републиката, по низата настани кои доведоа до минус на оваа личност. Имаме одговорност пред народот на чело на државата да дојде нормален човек на прво место, да ја вратиме човечката и моралната нормалност на оваа функција, нема да падне од небо, ќе биде меѓу нас, но имаме обврска на таа функција да дојде нормален човек во следните 5 години“ – рекол Рама.

Тој додава дека тоа треба да биде „морално и професионално нормална фигура“, па затоа замолил да размислат за тоа и секој што има идеја за ова да ја сподели.

Петгодишниот мандат на претседателот Мета завршува на 24 јули годинава, а според Уставот постапката за избор почнува во април.