Бугарија нема да ги признае референдумите што почнаа денеска во украинските региони кои се под руска контрола, изјави бугарскиот претседател Румен Радев.
Според Радев, референдумите во борбена зона, каде гранати паѓаат покрај гласачките кутии се правен апсурд и Бугарија нема да ги признае.
„Иако во моментов нема директна воена закана за безбедноста на Бугарија, овие ризици се проценуваат и се преземаат мерки за нивно минимизирање. Бугарија работи напорно да ја гарантира својата безбедност преку зајакнување на националниот одбранбен капацитет и исполнување на обврските во системот за колективна безбедност на НАТО“ – посочи Радев.
Одлуката на претседателот на Руската Федерација за делумна мобилизација ќе го зголеми интензитетот на непријателствата, ќе го ескалира конфликтот и ќе претставува закана за безбедноста со тешко предвидливи последици, смета Радев.
Во моментов, според него, нема директна воена закана за безбедноста на земјата, но Бугарија како одговорна членка на Европската унија е дел од заедничката надворешна политика и го поддржува режимот на санкции на Унијата, иако е меѓу најпогодените. Ескалацијата на конфликтот може да влијае не само на снабдувањето со гас, туку и на испораките на нафта и производството на гориво во земјата.
„Сето ова земено заедно знаеме што значи – продлабочување на економската и социјалната криза“ – изјави Радев