Путин: Русија е подготвена да преговара со Европа, САД и Киев, но само во согласност со сопствените интереси

Русија е подготвена да преговара со Европа, САД и Киев, но само во согласност со сопствените интереси, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин.

„Одлично е што оние во Украина, Европа и Соединетите Американски Држави, кои се агресивни кон Русија, сакаат да преговараат, но ние ќе го направиме тоа само врз основа на нашите интереси“, рече тој на продолжената седница на колегиумот на Министерство за одбрана.

Зборувајќи за ситуацијата во Украина, рускиот претседател рече дека историјата ќе стави се на свое место.

„Нема да се мешаме, но нема да го дадеме тоа што го имаме. Тоа треба да го разберат сите“, рекол Путин, пренесува РИА Новости.

Според него, Русија била единствениот гарант на суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

„Русија со создавањето на Советскиот Сојуз едноставно пренесе, заедно со населението, огромни руски историски територии, огромен потенцијал и инвестираше колосални ресурси на целата таа територија“, истакна Путин.

Тој потсети дека Украина ги доби своите западни територии по Втората светска војна, кога и беше даден дел од полските земји. Завршувајќи ја средбата Путин посочи дека граѓаните на Русија имаат се.

„Се разбира, Русија не може да направи ништо без силни, сигурни, добро вооружени и мотивирани вооружени сили. Вооружените сили не можат без силна економија, без непречено функционирање на индустријата, особено на воено-индустрискиот комплекс. И што е најважно, без да се потпираме на народот на Русија, на мултинационалниот народ, на рускиот народ, на другите народи на Руската Федерација. Имате сè и татковината очекува да се вратите“, рече Путин.