Рускиот претседател Владимир Путин денеска објави дека окупираните региони (Луганск, Доњецк, Херсон и Запорожје) на Украина и се приклучуваат на Русија, односно стануваат дел од Руската Федерација
Во Големата палата на Кремљ, во салата на Свети Ѓорѓи, во тек е „свеченото прогласување“ на окупираните територии како дел од Русија.
Путин рече дека резултатите од референдумот покажале дека народот избрал и дека тој е дефинитивен – четирите региони да станат дел од Русија.
„Се надевам дека парламентот ќе ги поддржи законите овие области да станат дел од Русија бидејќи тоа го сакаа милиони луѓе. Тоа е нивно право“ – рече Путин.
„Тие живеат во една држава со генерации и нивната волја е толку силна во нивната желба да се вратат на своите историски корени“ – додаде тој.
Путин се осврна на киевскиот „режим“. Тој ги спомна и преговорите.
„Долги 8 години луѓето во Донбас беа под пукање и блокади. Кон нив се негуваше омраза против Русија. Режимот во Киев вршеше репресија. За изборот на луѓето од овие четири области нема да се разговара“ – рече Путин.