Претседателот на Русија – Владимир Путин во интервју за руски медиум рече дека „краткогледата политика на европските земји доведе до криза во енергетскиот сектор“.
„Банките престанаа да даваат кредити бидејќи се под притисок, осигурителните компании престанаа да осигуруваат релевантни трансакции, престанаа да им даваат на локалните власти земјишта за проширување на производството, ја намалија изградбата на специјализираниот транспорт, вклучувајќи цевководи, и сето тоа доведе до недоволно вложување во енергетскиот сектор во светот и како резултат на тоа е зголемувањето на цените. Гледаме и обиди одговорноста за тоа што се случува на пазарот на храна да се префрли на Русија, но ова е прашање на замена на тезата“ рече Путин.
Порача и дека санкциите против Москва се „краткогледа, глупава и погрешна политика која води во ќорсокак“.
„Во истите тие Соединетите Држави финансиските и економските власти не смислија ништо подобро од да го следат патот на вбризгување големи количества пари за поддршка на населението и поддршка на поединечни претпријатија и сектори на економијата“ рече Путин.
Според него, сега се обидуваат да ја префрлат одговорноста за она што се случува на пазарот на храна на Русија и тоа се прави со „префрлање од болна глава на здрава“. Ги нарече блеф тврдењата дека Москва го спречува извозот на украински житарки и изрази подготвеност извозот на пченица да го крене на 50 милиони тони.
„Гарантираме мирен премин без какви било проблеми. Тие мора да ги исчистат мините и да ги кренат бродовите од дното на Црното Море кои ги потопија за да го отежнат влезот во пристаништата на југот на Украина“, кажа Путин.