Со голема доза на разочарување, ги проследив последните изјави упатени кон женскиот свет, на највисокиот, наjпрвиот меѓу еднаквите лидер, премиерот Христијан Мицкоски, воедно сопруг, брат и татко.
Во налетот рафални упатства кон правосудните органи, поконкретно кон обвинителството, освен што ја компромитираше уставно гарантираната поделба на власта, на стравичен начин упати и сериозни навреди посебно кон обвинителките, знаете оние од женски пол, кои ги обвини дека „имале добиено“, имплицирајќи со тоа дека – добиеното е нивно алиби за непостапување.
Значи, „имале добиено“?!
Премиере, зарем ова е Ваш став?!
Не знам дали трад жените, во редовите на ВМРО имаат минимум лично достоинство и дали се сложуваат со ваквите експлицитно мизогини пораки?! Но сигурна сум, и докажливо е дека дури и од перспектива на идеолошки конзервативна позиција вакви искази се неприфатливи.
Што би рекла сестринската народна партија ЕПП, или една Ангела Меркел, за едни вакви изјави?!
Има ли некоја жена, еве трад жена (tradwife) во редовите на ДПМНЕ да ја предизвика оваа сурова дехуманизирана деноминација на жената како човек, или на секоја една мајка, сопруга, сестра, ќерка или баба?!
Тврдам дека оваа позиција, заедно со сите пропратни атаци врз жените со јавен ангажман се само едно очајно покритие на сопствената слабост. Поточно, е несвесна самоперцепција за личната немоќ, и компензација за таквата немоќ преку психо-проекција со омаловажување на „послабиот“.
Немилосрдноста во атаците врз „јавно“ ангажираните жени, овде, е на ниво од камено доба. Нормализирана е омразата кон нив. И ова постаната посакувана норма и се етаблира во обичај на прифатливо однесување. Ова го прокнижувам дири и на конто на медиумите, кои преќутно ги прифааќаат овие образци.
Резилењето на јавно ангажираните жени, не за нивните ставови, туку за нивниот изглед, стас, приватен живот, лични афилијации ( Славјанка на пр.) овде оди многу подалеку од стандардниот патријархален систем на општествена организација во кој мажите имаат доминантна улога и надмоќ во однос на жените и не само што дискриминира, туку брутално ја нормализира и поважно го официјализира јавно презирот кон жените. Од тоа создава јавна политика. Јавно ги сатанизира, ги повештерчува, ги мрази, се со цел СОЦИЈАЛНО ДА ГИ ИЗОЛИРА.
Во таа смисла, жените на ВМРО, се проста декорација и овозможувачи на овие насилни образци.
Жално е кога ги гледаме како истапуваат на пресови во кои се бунат против „псовки“, кога релано се згазени како лебарки.
Ова што го укажувам, не е одбрана на жените од позиција на логиката типична за woke култура, туку, одбрана од нападот врз голиот живот на жените, и нивно тенденциозно пикање во пештера, кај „што им е место“. Таму ние жените би требало да чекаме и да ги глодаме коските што мажјакот ќе и ги даде како оброк. Засекогаш зависни и подредени.
Во ДПМНЕ, заборавиле дека најјакиот светски лидер од десното семејство беше жена: Ангела Меркел.
Заборавиле и тоа дека во партизанските, асномските и антифашистичките референци на кои се повикуваат денес, жените не биле третирани вака назадно како сега.
Сите жени Премиере, и Меркел и Ле Пен, и Мелони, и нашата Претседателка, веројатно во текот на животот „имале добиено“. Да не зборам за фактот дека благодарение токму на тоа „добиено“, lat. Menarha (менструација) можен е животот и репродукцијата на врстата.
Без добиено нема живот Премиере.
Сигурна сум дека ова го знаете.
А штом вие сте за раст на демографијата, и за повеќедетни семејства и тврдите дека формирање на семејство е „патриотски чин“; од таа позиција, не е баш јасно што точно Ви значи потсмевањето со оваа најприродна појава кај жените?
Знате ли дека во светот постои и нешто што се вика менструална правда ?!
Нели вие сте за еднакво и праведно општество. Сте заборавиле дека едно такво, секогаш подразбира и борба против дискриминацијата на жените во сите аспекти на животот, вклучувајќи образование, работа, политика и религија. Исто така, вклучува и промовирање на еднакви можности за сите, без оглед на пол.
Конечно, нема начин ова да се оправда или рационализира.
Потсмевот, уште помалку.
А госпоѓица Митева, така млада и така убава, ми се чини дека е голема жртва што мораше да изголта тон самоубиствени кнедли на Ваша сметка (Уби је туѓа срамота).