Проф. Чупеска: Острење заби
Поривот за целосна контрола на државниот апарат е дотаму манифестиран што е очигледна закана за демократскиот развој и перспектива. Веќе не станува збор само за идеолошка борба, меѓу „левото“ и „десното“, туку за елемeнтарен раскол, по однос на разбирањето и неразбирање на уставниот поредок кој прво и основно е демократски.
Ќе се обидам накратко да разјаснам некои аспекти битни за нашата политичка ситуација. А таа е таква што, после седум месеци нова Влада, која има значајно мнозинство во Парламентот, таа, не само што демонстрираше јасна тенденција партиски да ги окупира институциите на државата, тоа го прави на некадарен и незаконски начин. Спротивно на ветувањето дека ќе го етаблира мерит системот и владеење на правото.
Поривот за целосна контрола на државниот апарат е дотаму манифестиран што е очигледна закана за демократскиот развој и перспектива. Веќе не станува збор само за идеолошка борба, меѓу „левото“ и „десното“, туку за елемeнтарен раскол, по однос на разбирањето и неразбирање на уставниот поредок кој прво и основно е демократски.
Сега, на виделина исплива и фактот дека режимските инсталации за сето време ја поткопуваа всушност демократијата преку јасно дефинирана парауправа. И затоа, мора да разбереме дека роварењето – суштествено, експоненцијално и примарно е насочено против уставниот поредок, против основните демократски постулати, т.е против конституционализмот. Конечно, против Македонија. Следствено, можеме некомотно да ја проследиме и втората сезона од насилната легализизација на авторитаризмот.
Тврдам, оваа промена ќе продолжи да делува недемократски и противуставно преку разни „легализми“ на неправедноста. Тоа го прави без скрупули. И без чуство за осет, секако.
Дали не е насилие, незаконското назначување на директорот на АНБ, кој стапува на функција противзаконски без претходно да ги исполни главните законски пропишани услови за назначување на оваа позиција?!
Дали, не е насилие упорното прекршување на Деловникот во рамките на Законодавниот дом, и парам парче вратоломи спротивни на општа демократска логика?!
Дали, не е насилие, кога се нарушува поделбата на власта гарантирана со Уставот, со секоја закана упатена од извршната власт спрема правосудните органи?!
И, така, ден за ден, архивираме уште по едно, и уште едно, и уште многу насилства ќе архивираме. Потоа ќе се заокружи силната но авторитарна организизација на државно-партискиот апарат.
Или, Режим 2.0. Ефективно употреблив.
Убедена сум дека со овие остри заби со кои ‘рже власта, брзо ќе се отвори како многу крволочна и тоа, во првата фаза, кон сите клучни демократски/независни институти кои се гарантирани во нашиот Устав и во нашите закони. А во втората фаза, по секоја слободно-мислечка индивидуа. По глава на жител.
Сега ќе прашате, паметно, што е со опозицијата? Веднаш ќе Ви кажам.
Знам дека очекувањата се големи и тоа така треба и да остане. Но, она што беше основен услов за ефектура на опозициска партија после таков изборен резулат е исполнет!
Прво, за овој толку краток период, СДСМ сепак успеа да ја заокружи последната фаза од својата консолидација низ целосно демократски и транспарентен процес на избор на нови органи. ( Незамисливо за опонентот- таму диктатот работи);
Второ, СДСМ, за сите проблеми кои Владата неуморно ги создава, нуди подобри решенија, а и покрај се, делува максимално конструктивно по однос на сите прашања.
Од друга страна, само декларативна фарса е спремноста на Владата за „обединување“, затоа што, освен што понуди окупациско партиска и разединувачка политика, донесе и голема економска несигурност. Перманентно слабеење на стандардот за живот, во кој цените и трошоците растат, а платите стојат во место. Односно паѓа вредноста на парите. Тоа што беше предвидено во претходната Влада, преку сукцесивни програми за долгорочен раст на платите, ДПМНЕ резолутно го отфрла, со што драстично го влошува животниот стандард на сите, со исклучок на веќе привилегираните. И на нив самите. Дури и маџарските пари ги нема. А, за да го прикрие ова непатриотско економско фијаско, ДПМНЕ, дрско манипулира со етничките теми, до степен на целосна забеганост, заборавајќи дека етнонационалистичката кампања заврши.
Така што, острите заби на ДПМНЕ, ќе бидат видливи уште некое време. Но, и со значаен ризик за имплозија, среднорочно.
СДСМ, пак, во оваа фаза, и во согласност со своите убедувања, ќе продолжи да дејствува пред се во рамки на демократските стандарди, и, конструктивно. Во тој тон е впрочем повикот што го упати до сите парламентарни партии да се обединат во проект кој ќе овозможи надпартиски, надетнички и долгорочен развој на државата. Ова е темелен и издржан пристап кој во фокус ја става државата, а не партиската политика.
За жал ДПМНЕ сѐ уште јава на облаците на замајување и 7-годишната Калимеро реторика, во придружба на потпалувачки и заплашувачки реторики и делувања. Во ДПМНЕ, никако да сфатат дека сега треба да даваат решенија и да носат одговорни одлуки за демократски и економски напредок.
Накратко, кај нив, сѐ уште приоритет останува острењето на забите, додека од другата страна, spiritus movens е идејата да се делува кон еден сеопшт и пред сѐ демократски развој на државата. Во Прогрес.
Колумна на проф. Ана Чупеска, потпретседателка на СДСМ