
Проф. Петрески: Стратешкото партнерство со Обединетото Кралство може да има суштинско влијание врз економијата
Стратешкото партнерство со Обединетото Кралство има потенцијал да биде значаен економски импулс за Македонија. Вредноста од 6 милијарди евра е висока и може да има суштинско влијание врз економијата, особено од два аспекти.
Стратешкото партнерство со Обединетото Кралство има потенцијал да биде значаен економски импулс за Македонија. Вредноста од 6 милијарди евра е висока и може да има суштинско влијание врз економијата, особено од два аспекти.
„Прво, намената на средствата, според досегашните најави, е за стратешки инфраструктурни проекти и капитални инвестиции. Ова е особено важно затоа што инфраструктурните инвестиции адресираат значајни долго дискутирани пречки за поголема конкурентност на економијата. А исто така имаат мултипликативен ефект. Тие не само што ја подобруваат економската поврзаност и конкурентност, туку и генерираат верижни ефекти во приватниот сектор, преку зголемена побарувачка, вработување и поврзани услуги.
-Второ, начинот на обезбедување на овие средства е исто така значаен. Иако се уште нема целосни детали, ако станува збор за механизам што не претставува класично задолжување, туку вистинско стратешко партнерство, тоа би било особено поволно за Македонија. Во услови кога фискалниот простор е ограничен, а јавниот долг веќе висок, ваков пристап би значел дополнителни инвестиции без дополнително фискално оптоварување.
-Сепак, ефектите од ова партнерство ќе зависат од неколку клучни фактори:
- Прво, јасноста и содржината на договорот. Засега не се познати деталите: кои точно проекти се во фокус, кој ќе ги спроведува, какви се условите и колку е долгорочно ова партнерство.
- Второ, институционалните капацитети. Капиталните проекти бараат силна администрација, брза и ефикасна реализација и транспарентни процедури. Досегашното искуство покажува дека ова е слабост на нашите институции – реализацијата на капиталните расходи речиси секоја година е под проектираната.
- Трето, поставување на механизми за имплементација.
-За партнерството да даде реални резултати, клучно е дали договорот предвидува посебни механизми за заобиколување на домашните административни тесни грла – на пример, преку заеднички тела, поддршка за техничка експертиза или директна имплементација на проекти. На крај, ефектите на ова стратешко партнерство нема да се мери само во бројките, туку во неговата реализација – дали ќе донесе видливи подобрувања на терен, дали ќе поттикне економска активност и дали ќе ја зајакне довербата на инвеститорите и граѓаните.
За „Трилинг“ Благица Петрески, Извршен директор на Фајненс Тинк.
*Ставовите изразени во објавата се исклучиво лични ставови на авторот и тие не мора нужно да ја одразуваат уредувачката политика