
Проф. д-р Чупеска: ДЕ-КАПТИРАЊЕ НА ДРЖАВАТА
Да се разбереме, се презаситивме од овој аудио-загадувачки театар на апсурдот. Со децении сме заробени во една мачна „пајажина на ветувања“, слушајќи за борба против корупцијата како да е некоја митска, недостижна дисциплина, додека во позадина свири истиот транзициски блуз. Пардон, тарабуки лупаат.
Пишува: Проф. д-р Ана Чупеска
Да се разбереме, се презаситивме од овој аудио-загадувачки театар на апсурдот. Со децении сме заробени во една мачна „пајажина на ветувања“, слушајќи за борба против корупцијата како да е некоја митска, недостижна дисциплина, додека во позадина свири истиот транзициски блуз. Пардон, тарабуки лупаат.
Ајде да ја демистифицираме суштината и да го погледнеме ѕверот во очи: нашите владетели овде, во нашата (сѐ уште) „заробена“ Северна Македонија, не се само политичари – тие се архитекти на една статус-кво летаргија. Тие функционираат како добро подмачкана коалиција на интереси, чиј единствен „идеолошки“ постулат е бизнис-план со клаузула за загарантирана неказнивост. Во тој, би рекла, оркестриран хаос, граѓанинот е сведен на нем набљудувач, статистичка грешка во нивните калкулации.
Но, доста беше дијагностицирање на патологијата; време е за терапија на шок.
Наместо истрошената реторика, ни треба радикална прагматика.
Замислете, наместо перверзијата во која криминалците си го откупуваат конфискуваниот имот преку трети лица (де факто, земајќи кредит од сопствениот криминал), да воведеме механизам на Социјална реупотреба. Тоа е италијанскиот Antimafia Codice преведен на македонски: конфискуваната вила на Водно не се продава на „братучедот“, туку преку ноќ се трансформира во центар за деца со попреченост или засолниште за жртви на насилство. Тоа не е само правда, тоа е симболичка детоксикација на просторот. Криминалецот го губи имотот, но добива и еден здрав, педагошки „јавен срам“, гледајќи како неговите „крвави пари“ сега служат за лечење на општествените рани.
Понатаму, можеме да ја предизвикаме и институционалната опскурност – тој мрак во кој корупцијата вирее како мувла. Ни треба светлосен удар врз буџетот. По примерот на словенечкиот Supervizor Erar, треба да инсталираме дигитален „Голем Брат“ за државните пари – платформа која во реално време, без филтри и без „административни одложувања“, ќе ја покаже секоја исплата. Сакаме да видиме како парите патуваат од МЕПСО до некоја фантомска фирма за „консултантски услуги“. Кога парите стануваат видливи, корупцијата ја губи својата интимност; таа веќе не може да се крие зад флоскулата „деловна тајна“.
И за да не остане сето ова заглавено во нашите фамозни „судски лавиринти“ каде предметите мистериозно фаќаат прашина додека не застарат, мораме да размислуваме за хируршки прецизна правда. Тука ни е потребен романскиот модел – DNA (Специјализиран антикорупциски директорат). Ни требаат обвинители-самураи, независни од партиските телефони, кои ќе имаат една задача: лов на „големите риби“. Без тоа, нашиот правосуден систем ќе остане само скапа сценографија за евтина претстава.
Сето ова, секако, мора да биде „армирано“ со целосна дигитализација. Да го елиминираме шалтерскиот феудализам каде малиот службеник глуми Бог барајќи „уште еден документ“. Кога алгоритмот одлучува за лиценцата, нема простор за „честење“.
Ова не е утопија, ниту пак некаков апстрактен сон. Ова е мој повик за ПОЛИТИЧКИ АКТ. Не сум осамена во повикот, патем – иако знам дека кај нас мнозината чекаат „дозвола одозгора“ дури и за да кимнат со глава. Но, ова е визија за де-каптирање на државата, за трансформација на Македонија од „приватна фирма“ на елитите во Република каде правдата не е луксуз, туку наш, неизбежен, цивилизациски стандард.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на „Трилинг“