
Проф. д-р Ана Чупеска: ОНТОЛОШКИ ШОК: 10 ТЕЗИ ЗА 2026-ТА
Добредојдовте во епицентарот на најнеобичната аномалија во историјата, среде раст на автоматизација и машинско учење. Ако му веруваме на Бостром дека :, „цивилизацијата е буре барут, а ние сме сведоци на неговото палење“, дозволете ми да бидам кристално јасна: во овој пламен, нашата задача НЕ Е ДА ИЗГОРИМЕ, туку радикално да се ре-инвентираме!
Пишува: Проф. д-р Ана Чупеска
Добредојдовте во епицентарот на најнеобичната аномалија во историјата, среде раст на автоматизација и машинско учење. Ако му веруваме на Бостром дека :, „цивилизацијата е буре барут, а ние сме сведоци на неговото палење“, дозволете ми да бидам кристално јасна: во овој пламен, нашата задача НЕ Е ДА ИЗГОРИМЕ, туку радикално да се ре-инвентираме!
Зборувам за технолошкиот цунами кој ни носи можност за метаморфоза на самото постоење – во живо!
И, ова не е вежба, не е обична колумна, туку, ќе понудам еден едукативен, но, и остар маневар за адаптација кон актуелниот онтолошки шок.
Ова нека биде нашата прогресивна мапа низ лавиринтот на 2026-та.
Ова се тезите, но, не како сувопарна теорија, туку како повик за интелектуална будност!
Предупредување : текстот е пригоден само за упорни.
1. ТОМАС ПИКЕТИ: ПОЛИТИКАТА ПРОТИВ АЛГОРИТАМСКАТА ФАТАЛИЗА
Пикети ни одржа лекција по суштинско достоинство: еманципацијата почнува кога ќе престанеме да клекнуваме пред верувањето за „неизбежноста“ на пазарот и на технологијата. Тој тврди дека нееднаквоста не е природна појава, туку е политички избор! Распределбата на богатството, слично, е онтолошки врзана за културата: „Една земја никогаш не е еднаква “по природа”; тоа, имено, зависи од тоа кој ја јава власта и со каква намера“.
Пикети предупредува дека AI само ја цементира концентрацијата на капитал, каде минатиот труд го проголтува сегашниот труд, претворајќи го претприемачот во обичен рентиер.
Пикети гледа излез во демократски и еколошки социјализам кој може да се воспостави преку глобален данок на богатството.
Според тоа, би се рекло дека е време е за редистрибуција на приходот од автоматизираните процеси, и не е време за молк!
2. ЈАНИС ВАРУФАКИС: ТЕХНОФЕУДАЛИЗАМ
Варуфакис исто така, дијагностицираше онтолошки пресврт: „Она што го уби капитализмот е… самиот капитал“, нагласи. Или, капиталот стана токсичен вирус што го изеде својот домаќин — слободниот пазар.
Ха ха ха.
Варуфакис, вистина е посебен.
Или, добредојдовте во неговиот свет на „клауд-феудалците“ и „клауд-кметовите“. Секој пат кога кликате ‘I agree’, вие не потпишувате договор, туку влегувате во вазален однос, нагласува Јанис. И, уштеповеќе, вашиот бесплатен труд ја гради нивната империја.
Егзит стратегијата? Предлага, сојуз на дигиталните кметови.Поточно, сугерира преземање на “инфраструктурата” како „заедничко добро“ (commons). Идејата му е дека токму тие што го градат информацискиот капитал (ние граѓините)—истите тие, можат и да го демократизираат: бидете субјекти на револуцијата, а не податочни точки во туѓ феуд!
Социјалист е Јанинс, несомнено!
3. ШОШАНА ЗУБОФ: ЕКСПРОПРИЈАЦИЈА НА ЧОВЕЧКОТО ИСКУСТВО
Мојата омилена мислителка вели: ако немате што да криете, тогаш вие сте ништо.
Притоа, приватноста не е луксуз, таа е кислород за внатрешниот живот. Па оттука, кога AI се обидува да ве „предвиди“, таа всушност ВЕ ДИСЦИПЛИНИРА. Зубоф затоа нуди концепт за т.н. „епистемички права“ – или, правото да бидеме непредвидливи и автентични.
Според неа, надзорниот капитализам ја менува слободата за машинска извесност, а техно-лидерите ги именува како „информациски олигарси“. Во овој систем, ние не сме купувачи туку сме напуштен труп од кој се извлекуваат податоци.
Дали се разбираме?!
Таа го предвиде и сценариото на фузија, т.е. техно-олигарси кои поддржуваат илеберални лидери во замена за имунитет. Дали ви звучи познато? Кај нас е веќе апликативно!
Излезот кај неа е во третирањето на неовластеното извлекување податоци како да е чиста кражба! И затоа ги предлага епистемичките права!
Фасцинатна е, Шошана!
4. МОИСЕС НАИМ: 3П АВТОКРАТИЈАТА
Наим нè удира со аперкатна реалноста: автократијата денес носи демократска маска. А, ние овде тоа најдобро го знаеме, ха ха! Не мораше баш, Наим да ни каже, но, она што тој прецизно го детектира е тоа дека AI е најдобриот шминкер за новиот илеберализам. Неговиот модел на 3П (Популизам, Поларизација, Пост-вистина) преку AI создава „пожар од лаги“ кој го пржи рационалниот дискурс.
Еманципацијата тука значи итна дигитална писменост и челична институционална отпорност.
Демократијата не се брани само на гласачка кутија, туку во секој разговор каде одбиваме поларизација и влегуваме во аргументирана полемика!
5. ХАРАРИ: МРЕЖИТЕ НА ИЛУЗИЈАТА
Харари потсетува дека моќта извира од приказните. Но, што ако приказната ја пишува машина со скриена агенда? Наша одговорност е да не дозволиме AI да ни ја киднапира наративната агенција.
Во Nexus (2024), тој предупредува дека AI е првата алатка способна самата да носи одлуки (што лично не ми е баш најјасно?!), што може да нè втурне во тоталитарна мрежа управувана од нечовечка интелигенција. Инсистира дека мораме да ја избереме хуманата несовршеност пред машинската тиранија.
Егзит стратегија? Строга регулација и инсистирање на човечка одговорност. Јас сум убедена: ова мора да се регулира со закон, веднаш!
6. ДАРОН АЏЕМОГЛУ: ТЕХНОЛОШКО НАСОЧУВАЊЕ
Извонреден хуманистички увид на Аџемоглу, : не смееме да бидеме пасивни патници во возот на „напредокот“. Ако технологијата не го прави работникот посреќен, тогаш тоа не е напредок, туку експлоатација со подобар маркетинг!
Правецот на технологијата зависи од нашиот избор меѓу „замена“ на човекот (линија Тјуринг) и „надополнување“ на човекот (линија Винер). Аџемоглу стравува од „глупавиот AI“ кој служи само за надзор, т.е. таканаречен бакнеж на смртта за демократијата. Излезот е во „Pro-worker AI“ кој ги засилува човечките вештини наместо да ги брише.
7. НИК БОСТРОМ: СМИСЛАТА ВО ПОСТ-ИНСТРУМЕНТАЛНИОТ СВЕТ
Бостром нè провоцира со енигма: кога ќе го нема напорот, што останува од нашиот карактер? Еманципацијата значи префрлање од производство кон вреднување. Ако алгоритмите ја диктираат логиката, тогаш уметноста и духовноста се нашите последни тврдини. Во Deep Utopia, тој прашува: за што служи сè, ако машините веќе прават сè? Она што мене ми е интересно, е дека предупредува на судир меѓу „суперхуманата елита“ и големата обезмоќена класа на Homo Sapiens. Па сметам дека вреди да се прочита за да разбереме дека „длабоката излишност“ е наш нов егзистенцијален непријател.
8. БЕНЏАМИН БРАТОН: ПЛАНЕТАРНАТА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА
Братон нè вади од тесните национални кожи. AI не е само во телефонот, таа е дел од планетарниот „егзоскелет“, вели. Ние сме дел од една „случајна мегаструктура“ (The Stack) која го менува значењето на владеењето. Луѓето ризикуваат да станат само „човечки украси на хаубата“ на овој систем. Или, со други зборови, Мораме да ја прифатиме „антропогената вештачност“ како нов еволутивен чекор, но со насочено планетарно владеење за да го спасиме нашиот дом – Земјата.
Ова е врвната одговорност на вашата генерација!
Се согласувам!
9. ДАНИЕЛ АЛЕН: РЕНОВИРАЊЕ НА ДЕМОКРАТИЈАТА
Ален вели: демократијата не е само процедура, туку жива практика на споделување моќ. Исто како Ален, и јас верувам во „либерализам на споделување на моќта“. Во дигиталниот свет денес, еманципацијата значи сопственост врз вашите податоци. Или, не чекајте слободата да ви биде свечено врачена – земете си ја преку учество! AI треба да служи за „колективна интелигенција“ во јавните дебати, а не за нивна супресија. Имплементацијата на „Digital Choice Act“ е патот кон правдата, сугерира оправдано.
10. КЕТИ О’НИЛ: ДЕМИСТИФИКАЦИЈА НА МАТЕМАТИЧКИТЕ МИТОВИ
О’Нил ја разоткрива перфидната природа на математичкиот авторитет. Кога ќе ви кажат „тоа е алгоритам, објективно е“, знајте дека ве замолчуваат! Алгоритмите се само „мислења вградени во код“. Тие го кодираат минатото со сите негови неправди, но не ја иновираат иднината. „Алгоритамската исклученост“ ги казнува сиромашните бидејќи моделите се евтина замена за вистинска човечка правда. О’Нил предлага задолжителна „алгоритамска ревизија“ каде штетата ја дефинира оштетениот, а не програмерот!
In medias res.
МАКЕДОНСКАТА ПЕРСПЕКТИВА: ИНСТИТУЦИОНАЛЕН ОПСТАНОК
За крај, драги мои, погледнете ja нашата локална тиња. AI, секако дека може да ни помогне да ја згазиме корупцијата и бирократскиот лавиринт, но, само ако ја користиме со интегритет. Оддтука, едукацијата и етиката се нашите последни ровови. Новата година мора да биде време за реформи што ќе го вратат граѓанинот во центарот, а AI е суштинска алатка за чистење на бирократскиот хаос во администрацијата. Но, тоа е можно само со независен етички надзор и усогласување со EU AI Act.
А ЗОШТО СÈ УШТЕ НЕ СМЕ УСОГЛАСЕНИ СО ОВОЈ АКТ? ТОА Е ПРАШАЊЕ ЗА МИНИСТЕРОТ ЗА ДИГИТАЛНА ТРАНСФОРМАЦИЈА, ЗАРЕМ НЕ?
Патеката по која ќе одиме е прашање на политички избор. Изборот е меѓу прогресот и понижувачкиот регрес.
Што избирате вие, мили мои ?
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на „Трилинг“