Проф. д-р Ана Чупеска: ВРХОВИСТИЧКО ПРЕДАВСТВО НА УСТАВОТ

Врховизмот, како историска патологија, секогаш подразбирал постоење на надворешен центар на моќ кој ја инструментализира македонската кауза, симулирајќи „најголем патриотизам“ додека истовремено го урива државниот суверенитет. Затоа ДПМНЕ не е и не може да биде “суверенистичка”, впрочем!

Пишува: Проф. д-р Ана Чупеска

Македонскиот политички амбиент денес не е ништо друго освен една опасна, анахрона реставрација на језив историски атавизам, за кој се надевав дека е депониран во мрачните архиви на минатото. Но, последната собраниска резолуција — која опозицијата оправдано ја оспорува пред Уставниот суд — не е само процедурален инцидент или случаен правен преседан. Таа е епистемолошки рефлекс (од внатре ги тера) на една десница која сè уште е папочно врзана за врховизмот и неговата најрадикална, насилна еманација: михајловизмот.

Овој „суверенистички кич“ со кој ДПМНЕ го контаминира јавниот простор е само перфидна семантичка мимикрија на еден длабоко антидемократски код. Станува збор за обид за насилна редефиниција на државата: од конституционална либерална демократија кон идеолошка деспотија, каде „комитетот“ повторно претендира да биде над словото на законот.

Врховизмот, како историска патологија, секогаш подразбирал постоење на надворешен центар на моќ кој ја инструментализира македонската кауза, симулирајќи „најголем патриотизам“ додека истовремено го урива државниот суверенитет. Затоа ДПМНЕ не е и не може да биде “суверенистичка”, впрочем!

Денешната инструментализација на Собранието за производство на акти кои се во директна колизија со членовите 8, 91 и 118 од Уставот, е само ехо на тој менталитет: презир кон легалитетот во име на еден имагинарен, партиски конструиран легитимитет.

Со свесно кршење на хиерархијата на правните норми , на демократскиот фундамент, комитетот воопшто не ја штити Македонија; туку ја воведува во состојба на правен нихилизам и меѓународен аутизам, жртвувајќи го принципот на владеење на правото на олтарот на сопствениот популизам.

Оваа „патриотска стапица“ е дизајнирана со перфидна намера: секој што ќе се повика на Уставот да биде жигосан како апатрид, а секој што ќе го брани правниот поредок да биде прогласен за кочничар на националното достоинство. И ова е добро познатата матрица на етикетирање и политичка елиминација, која во 21-от век не користи куршуми, туку собраниски резолуции за да изврши democratic backsliding (демократско назадување), директно загрозувајќи ја слободата на говор и плурализмот.

Во оваа критична констелација, улогата на Уставниот суд ја надминува неговата рутинска функција и станува клучна за зачувување на кохерентноста на правниот и демократскиот систем. Евентуалното прогласување напр. на ненадлежност врз основа на тесни процедурални толкувања би ризикувало создавање на правен вакуум — простор што му е неопходен на политичкиот волунтаризам за да го наметне партискиот диктат над уставната супрематија.

Дали се разбираме ?!

Одговорноста на Судот денес е во препознавањето на суштината на овој чин. Судот ја има историската тежина да ја потврди својата позиција како врховен арбитер кој ја штити демократската идеја од каква било форма на институционална деградација. Одбраната на поредокот не е само правна обврска, туку чин на заштита на државата од паѓање во зоната на непредвидливост.

Затоа, битката пред Уставниот суд во никој случај не е партиска пресметка – таа е онтолошка одбрана на Републиката од еден анахрон врховизам кој Македонија ја гледа исклучиво како партиски плен, а Уставот како пречка што мора да биде отстранета.

Би рекла, најдобро е да се случи

целосното еманципирање од авторитарните нагони и безусловната одбрана на уставните слободи се единствениот пат кон зачувување на нашето демократско достоинство. Но тоа со ДПНЕ не е можно!

Иако, без функционална правна држава и заштита на слободата на мислата, секое натамошно дејствување надвор од уставните рамки води кон внатрешно растурање на институциите и целосна изолација на општеството.

Греота и срамота.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на „Трилинг“