Професорот кој минатиот декември со метален боксирач нападна ученик во струшкото средно училиште „Ибрахим Темо“ денеска доби казна од 4 месеци затвор. Тоа е пресудата на Основниот суд во Струга.
Тој е виновен за сторено кривично дело „насилство“, а во изречената казна, ќе му биде пресметан и периодот поминат во притвор, до правосилноста на пресудата.
Неговиот адвокат Сеад Мена најави жалба, со тврдење дека доказите не се објективно оценети.
На единственото судско рочиште, кое се одржа пред една недела, сега осудениот професор Ерол Спахо, кажа дека на случајот му претходел вербална расправија со негова колешка, мајка на повредениот ученик.
Посочи дека бил нападнат од ученикот во тоалетот, со тупаница на челото. Боксирачот го извадил за да го исплаши, но тој завршил во главата на ученикот.
Одбраната на професорот тогаш побара укинување на мерката притворот со образложение дека не биле исполнети објективните елементи на кривичното дело насилство.
Инцидентот се случи на 23. Декември. По нападот од професорот, ученикот бил примен на Хирушкото одделение со повреда на главата, каде по извршеното шиење е пуштен на домашно лекување.
Педесет и седум годишниот професор беше приведен од полицијата, по што му беше одредена мерка притвор.