
Протест на превозниците: Половина од возачите одбиваат да возат поради страв од депортација
Протестот е своевидно предупредување во пресрет на утрешниот состанок на Работната група во Брисел: Од овој состанок превозниците очекуваат исход, односно решение за нивниот статус откако се соочија со проблеми поради правилото 90/180 на ЕУ според кое државјаните на трети земји можат да престојуваат најмногу 90 дена во кој било период од 180 дена.
Превозници организирани од македонската транспортна асоцијација „Макам-транс“ одржаа протест пред седиштето на Делегацијата на Европската Унија во Скопје, барајќи решавање на проблемот со ограничениот престој на професионалните возачи во Шенген-зоната.
Протестот е своевидно предупредување во пресрет на утрешниот состанок на Работната група во Брисел: Од овој состанок превозниците очекуваат исход, односно решение за нивниот статус откако се соочија со проблеми поради правилото 90/180 на ЕУ според кое државјаните на трети земји можат да престојуваат најмногу 90 дена во кој било период од 180 дена.
„После седум месеци сè уште не е надминат проблемот со престојот. Бидејќи септември е почеток на работите, сакаме да испратиме јасна порака – да се направи нешто.“ вели претседателката на Макамтранс Билјана Муратовска.
Истовремено, протести на превозници се одржуваат и во Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора.
Од „Макам-транс“ велат дека во изминатите седум месеци не виделе доволно добра волја од Европската Унија за решавање на проблемот.
Од Владата, пак, уверуваат дека преземаат мерки во рамките на своите можности.
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски минатата недела најави нови билатерални договори со земји од Шенген-зоната. Според Николоски, договори веќе има со Швајцарија, Хрватска и Романија, а во следниот период се очекуваат разговори и со Австрија, Словенија и Германија. Целта, вели тој , е да се покријат најфреквентните транспортни рути по кои се движат македонските превозници.
Но, превозниците сметаат дека билатералните договори не се доволни и бараат системско решение на европско ниво. Според нивните информации, околу 17 илјади професионални возачи од Македонија се погодени од проблемот. На ниво на Западен Балкан, бројката достигнува околу 100 илјади.
– Имаше најави за визи, но тоа не е ништо конкретно. Ако добиеме виза за Хрватска, таа ќе важи за Хрватите, ако добиеме за Швајцарија , нема да важи за Хрватите. Така што ако не се согласат сите земјите од Шенген во ЕУ и ако не важи за сите држави во Шенген не би било во ред тоа, рече еден од превозниците на протестот пред Делегацијата на ЕУ.
Од „Макам-транс“ предупредуваат дека околу половина од возачите одбиваат да возат, поради страв од проблеми на границите, депортација или неизвесност околу тоа колку долго може да останат во Шенген-зоната. Доколку утрешниот состанок во Брисел не донесе преодно решение, превозниците најавуваат нови протести. Предложено е на 14 септември да има протести на граничните премини во секоја од земјите одделно.
Протестот, според најавите се очекува да трае до 14 часот. Двочасовни протести, во истиот период од 12 до 14 часот, денеска ќе се одржат и во Србија, Босна и Херцеговина (БиХ) и во Црна Гора.
Извор: Фокус.мк