Претседателот на Куба ги обвини САД за „политички геноцид“

Претседателот на Куба, Мигел Дијаз-Канел во говорот по повод 73-годишнината од почетокот на Кубанската револуција ги обвини САД за „политички геноцид“.

Претседателот на Куба, Мигел Дијаз-Канел во говорот по повод 73-годишнината од почетокот на Кубанската револуција ги обвини САД за „политички геноцид“.

Тој го критикуваше неодамнешниот извештај на американскиот Стејт департмент, во кој се обвини Куба за инфилтрирање во владата на САД и за поддршка на „невиден бран на левичарски тероризам на американска територија“.

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп ги засили нападите врз левичарските групи во САД.

– Со обвинувањето на Куба, тие не бараат само жртвено јагне, туку некој надворешен фактор. Тие бараат некого да обвинат за протестите на пониските класи, најтешко погодени од економијата што ги прави богатите побогати, а сиромашните посиромашни. Тие бараат нов изговор за да го продолжат својот политички геноцид врз Куба, наведе Дијаз-Канел.

Според него, тензиите помеѓу Хавана и Вашингтон се поради нафтено ембарго и проширените санкции на администрацијата на Трамп, кои ја продлабочија најлошата економска криза на Куба во изминатите децении, што доведе до периодични прекини на електричната енергија и недостиг на гориво.

Дијаз-Канел побара укинување на санкциите и нафтеното ембарго, а им се заблагодари на меѓународните организации што испратија хуманитарна помош.

– Нека Куба живее во мир, а нека живеат во мир и најблагородните претставници на американскиот народ, кои низ историјата се бореле за човековите права на другите народи, без да очекуваат признание и честопати изложувајќи се на прогон, затворање и ризикувајќи го својот живот. Куба не претставува закана за САД или за која било друга земја во светот“, нагласи Дијаз-Канел.

На Куба се прославува првата герилска офанзива против војската на кубанскиот лидер Фулгенсио Батиста, поддржан од САД, во 1953 година. Офанзивата, со која почна востанието, беше предводена од Фидел Кастро, по повеќе од пет години доведе до соборување на Батиста.