Премиерот Ковачевски се сретна со раководството на Синдикатот на УКИМ

Премиерот Димитар Ковачевски и министрите за финансии и за образование и наука, Фатмир Бесими и Јетон Шаќири, денеска се сретнаа со раководството на Синдикатот на УКИМ.

Тема на состанокот беше барањето на Синдикатот на УКИМ за зголемување на платите на професорите и потпишување посебен Колективен договор за УКИМ, независно од веќе постоечкиот Колективен договор со СОНК, потпишан минатата година.

На состанокот, од страна на премиерот и на министрите беше истакнато дека навистина треба да се цени и вреднува работата на професорите, но и дека мора да ги имаме и предвид состојбите во државата во услови на економска криза.

Исто така, беше посочено дека во изминатите четири години платите на вработените на универзитетите се зголемени за вкупно 20%, односно, 5 % од септември 2019 година, 8 % од септември 2021 година и 7 % од септември годинава.

Исто така, од страна на премиерот и министрите беше посочено дека ќе се направат детални анализи и пресметки за да продолжи зголемувањето на платите во високото образование и наука и следната година, но и беше побарано од Синдикатот да се направи реорганизација на факултетите и воведување на нови атрактивни студиски програми, кои ќе ги зголемат сопствените приходи на високо образовните установи.