Јас долго време го споделувам мојот став дека спорот со Бугарија е поставен на грешен перон. И меѓу постојаниот наплив од лоши вести, што често ме инхибира да зборувам и пишувам на оваа тема оти карванот го возат неуки политичари кои не ги согледуваат грешките ни откако ќе ги направат, го пишувам овој текст со мисла дека сепак може да се смени динамиката на преговорите и сите да излеземе од овој рингишпил позрели и поусогласени со реториката за eвропски вредности и стандарди. Но, за воопшто да почнеме едно такво патешествие, ќе треба да го ресетираме досега сработеното и да ги поставиме предизвиците на онаа преговарачка маса на која ќе го добијат соодветното внимание и експеритиза. Поточно, ќе треба да поставиме структуиран дијалог менаџиран од странски експерти за кој ќе ни требаат ментори, експерти, учители и олеснувачи.
Премиси кои се земаат здраво за готово
Проблемот кој го наметна Бугарија не може да се реши со билатерални преговори. Тој е асиметричен, предизвикан е заради нашата желба да влеземе во ЕУ и мора да има „чувари на галаксијата“ кои ќе ги следат дискусиите и ќе интервенираат кога аргументите се во спротивност со веќе договорените заложби во кревката, но постоечка и мултилатерално градена, супранационална/меѓународна орбита. Обврските кои произлегуваат од таму не се à la carte за земјите да си бираат што ќе спроведат, а што не. Тој не е безгрешен, има и дихотомии, нејаснотии и недостатоци, но тие кои го градат и се одговорни за неговото одржување не смеат да дозволат билатерални договори да го подриваат, посебно не за да се зачленат во нивниот клуб.
Бугарија нам не ни е пријателска земја. Инаку немаше да потпишуваме Договор за добрососедство. Тоа може да се смени, но не без сериозен, добро осмислен и долготраен процес.
Има огромен јаз меѓу иновациите во полето на решавање конфликти, градење мир и преговори/медијација од една страна и луѓето кои ги водат преговорите меѓу овие две држави од друга. Тоа знаење е во журнали, книги и конференции, а споменатите политичари немаат потреба за академско просветлување за кое и немаат време заради партиски активности. Оттаму тешко е тие современи пристапи од сериозно учени луѓе и нивното знаење да се дел од преговорите ако не се вклучат експерти во улога на преведувачи.
Значи ако спорот не може да се реши билатерално и ако не си веруваме и не сме со добри намери, како влегуваме во процес во кој нема трета страна која ќе се погрижи темите на кои ќе се разговара да се дискутираат во нормативна рамка, имајќи ги предвид меѓународните стандарди и европските вредности и во опсег на дозволеното што може една држава да побара од друга, без да го нарушува нејзиниот суверенитет?
Во овој спор има три страни – Бугарија, Македонија и Европската Унија и доколку се смени правецот и однесувањето верувам дека сите три можат да прогласат победа на крајот од тунелот. Во спротивно, доколку се продолжи со млитава и безидејна дипломатија, последиците за европската иднина ќе бидат многу пострашни од загубите кои ќе ги живеат овие две балкански држави до следниот историски пресе,к каде една ќе биде во позиција да ја уценува другата да прифати непристојно и еднострано ревидирање на историјата со цел да се заборават неправдите, насилствата, присилните миграции и конструирањето вистини.
Од проширувањето во 2004 наваму, ЕУ развиваше еден став дека не може да увезува билатерални спорови и нестабилност која од нив произлегува, па затоа препораките беа изнаоѓањето решенија кои ќе придонесат кон регионалната стабилност да биде пред влезот на земјата-кандидат. Но, таквиот пристап им даде бустер на земјите- членки кои без двоумење ја злоупотребија својата моќ за да побараат од Македонија неприфатливи отстапки, кои воопшто не смеат да бидат ставени на преговарачка маса. Токму овој пристап на немешање и повлекување пред минатовековната реторика, гласно изговорена на состаноци на Унијата, покажа дека либерал-институционалистите не умеат да се справат и спротистават на реалистите кои наместо да се приклонат кон либералното јадро на Унијата, силеџиски ги поткопуваат основните начела на самоопределување, малцински и човекови права, и пројавуваат амбиции за експанзија на нацијата во некогашните империи со кои се поистоветуваат.
Бугарија нема да се откаже од тие барања без некој да ја потсети дека не може од една страна да тврди дека е пријателска земја, а од друга по влезот во ЕУ да дели бугарски пасоши и да ги побугарува сите Македонци (и државјани и етнички малцинства во соседните држави), да не го признава јазикот, идентитетот и народот кој живее во „пријателската“ земја. За да не продолжи Бугарија да го оди овој непринципелен пат со кој се самоотклонува од либералните начела на сојузот од кој е дел, и за нив ќе биде од корист да се вклучат експерти кои ќе им кажат: што може да биде предмет на преговорите, кои се документите со кои се регулирани тие теми, кои од тие договори се обврзувачки, кои се препораки и не се правно обврзувачки (но имаат политичка релевантност и нивното непочитување може да има последици), како и двете земји да го усогласат своето законодавство со стандардите и заложбите, наместо да наоѓаат изговори во моделот, уставното уредување и слично.
Еден за сите, сите за еден
Ако ЕУ сака да се заштити од копирање на ваква антилиберална политичка естетика, која воопшто не е непозната во современата европска историја и која веќе ја тестираат и други нејзини непримерни членки, неопходно е земјите- членки на ЕУ да ги одбијат шовинистичките барања на Бугарија, зашто во спротивно – ги легитимираат. Веројатно е, по линија на послаб отпор, ЕУ да не сака длабински да го раслои овој јазол и да проба повторно некои краткорочни и избрзани решенија. За да не биде ад хок и да не е во последните минути пред повторно да истече некој рок, мора што побргу да се постави процесот сосем поинаку и да се обезбеди раздвојување на претпристапните преговори од решавањето на спорот со Бугарија. Доколку бугарските барања се прифатат и легитимираат од страна на ЕУ, како што беше случајот со Преспанскиот договор, возможно е да не се задржат само на уценување во фазата на предпристапни преговори, туку лесно да мигрираат, дури и да мутираат, како опасна преговарачка карта во внатрешни преговори меѓу земјите- членки. Затоа централноевропските држави изразија сериозна загриженост во декември, 2020 година, кога Комисијата поднесе нацрт- документ кој не се усвои, бидејќи Чешка и Словачка во него препознаа елементи на „фалсификување на историјата кои би биле штетни по процесот на проширување и би донеле дополнителни компликации во иднина“. Претседателствувањето со Унијата во втората половина од оваа година може да биде убава можност за Чешка да го постави процесот плански и да вклучи експертски тим кој добро ќе ги владее темите кои ќе се преговараат, но и заложбите и документите, како и институциите на ООН, ОБСЕ, Советот на Европа,(можеби и НАТО) и секако ЕУ.
Ние не сме подготвени сами да бараме или да нудиме решенија и затоа требаше барем да имаме доблест да побараме помош од супранационалните структури, кои ги загрозуваме и потценуваме со аматерски билатерални договори и неподготвеност при преговорите. Човештвото веќе речиси цел век се обидува да создаде систем на универзални и регионални вредности, а нашите неподготвени дипломати со штогоде спогодбички ги уриваат темелите на тој систем кога се согласуваат да се откажат од одредени права за да ги задоволат апетитите на гладните соседи. Затоа во преговорите со Бугарија мора да ги вклучиме чуварите на мултилатералниот систем, а посебно ЕУ, која е причина за сите овие воскреснати империјалистички пориви на земји што се нејзини членки и бескрупулозно го злоупотребуваат тоа членство занемарувајќи ги опасностите кои ваквото однесување може да ги предизвика во рамките на Европската Унија. Но, за разлика од некои наши дипломати, јас не верувам дека решението треба да се бара во рамките на една платформа, туку мислам дека треба да имаме поагилна дипломатија која истовремено истите теми ќе ги актуелизира и во ООН, и во ОБСЕ , и во Советот на Европа, и во ЕУ, и во НАТО, доколку темите соодветствуваат со тамошните форуми и состаноци .Веднаш треба да се назначат тимови, експерти, а треба и да се идентификува кои профили мораат да бидат дел од носечкиот тим, кои би биле потпорни сервиси, кои институции, личности и теми треба да се дел од една постојана структура во МНР која посветено и безрезервно ќе работи само на ова прашање и ќе ги координира сите надворешни соработници – владини, невладини, консултанти, домашни, странски, платени или доброволни. Македонското мото во последните триесетина години е: „Ние немаме проблем, соседите имаат проблем“, де со нашето име, па јазик, па идентитет, па историја итн. Во целиот овој период многу малку е направено за кога ќе дојде моментот на преговори ние да сме подготвени за сите возможни сценарија. Сé некако сме затечени и сé нешто не знаеме кој ќе прави, што и кога. Сериозни преговарачки тимови имаат неколку сценарија, алтернативи и посакувани цели. Државите имаат различни капацитети, па мудроста е тие да соодветствуваат со потребите и предизвиците. Мали држави треба немањето квантитет да го компензираат со квалитет, флексибилност и стратешко поставување. Постоењето на супранационалниот систем е голема придобивка и цивилизациско достигнување, но нам како држава ни е од корист само ако знаеме како и кога да ги побараме на помош механизмите што тој ги има вградено во себе. Да преговарате за малцински прашања, а да не се консултирате и да не ги вклучите во преговорите ниту Советот на Европа, ниту ОН (Специјалниот известувач за малцински прашања), ниту ОБСЕ со својот Висок претставник за малцински прашања (HCNM) е огромна грешка и најголемиот подарок што ние на Бугарија ѝ го даваме за да ја зголеми надмоќноста над нас, која веќе ја има поради членството во ЕУ. Тие механизми и институции се градени за да бидат експертскиот слој што ќе ги олесни, реши и ќе ги објасни конфликтните ситуации меѓу земјите-членки во овие клубови. Ние сме полноправна членка на ОБСЕ, на Советот на Европа, на ОН и затоа треба да побараме нивна помош во дефинирањето на преговарачката рамка и експертиза во водењето на дијалогот, но и препораки, анализи и симпозиуми на кои ќе се разговара за малцински прашања, дијаспора, многу лингвистички, историски и културолошки теми. Но, сето ова е надвор од предпристапните преговори за кои не смее да има забуна дека додека Бугарија не го крене ветото и ни стои на патот кон Европа, ниедна од овие теми не е доволно ургентна за да глумиме пријателство. Фудбалски турнири меѓу двете министерства не се мерки за градење доверба, а темите кои се дискутираа меѓу двете влади, во форматот предложен од Петков, а беспоговорно прифатен од Ковачевски, се билатерални теми кои не го заслужуваат вниманието кое им се посвети бидејќи не се одговор на кризата која ја наметнува Бугарија со ветото. И затоа господа, по советот на Де Талеран, без многу ентузијазам, зашто дипломатско решение не е на повидок. Бугарија сакаше да ја искористи отворената врата низ која сакаа да протнат слични барања на оние кои Грција ги постигна со Преспанскиот договор. Тој договор и ја сервираше на Бугарија можноста да ги комплетира напорите за да се убеди себеси, нас и целиот свет дека ние сме истиот народ кој заради една несреќна епизода со Југославија сега зборува малку поразлично, но не доволно тоа да се нараче јазик и дека историјата ни е заедничка или поточно позајмена. Бугарија се прецени кога мислеше дека ја има истата сила, геостратешка позиција и почит меѓу земјите-членки на ЕУ како Грција, но од друга страна некоректно е дека за слични барања Грција доби поддршка од ЕУ. Нормално е Петков по доаѓањето на власт да понуди некој формат кој ќе му помогне да изгледа конструктивен пред неговите европски колеги, но ние не требааше таа концесија да му ја дадеме на тацна, па и да ја закитиме со честитка до ООН. Тоа што преговара за инфраструктурни проекти не го прави Нелсон Мандела, ниту пак од него треба тоа да се очекува. Она што треба да се очекува е македонската страна да даде поинаков предлог и тој да вклучува неутрални експерти. Наместо тоа со изнудена насмевка викаме дека градиме мостови со нашите “пријатели“.
Ваквиот модел, единствената можност сите да ги остварат своите замислени цели (доколку тие се во согласност со современите политички трендови и не вклучуваат Санстефански проекции),е неопходен заради тоа што поинаку нема да можеме да обезбедиме конзистентност со вредностите и стандардите што се обврзувачки за двете страни, а и заради тоа што некој ќе мора да го следи исполнувањето на тоа што ќе се договори. Инаку Бугарија ќе превагне во изнудувањето отстапки бидејќи е во подобра позиција и ќе биде таа која ќе одлучува дали доволно од договореното е спроведено од македонска страна, одлука која ќе зависи од сé друго само не од квантитативни податоци и индикатори, па ќе биде: кадија тужи, кадија суди.