Пратениците по предлог-законот за минимална плата ќе расправаат на седница на 10. февруари

Партијата Левица поднесе предлог-закон за измени на Законот за минимална плата, а истиот е ставен на дневен ред на собраниската седница за 10. овој месец.

Предлог-законските измени се ставени како седма точка на дневен ред.

Предлог-законот треба да биде донесен по скратена постапка, а со него се предлага висината на минималната плата да не биде пониска од 60 проценти од просечната исплатена нето-плата во последните три објавени месеци, согласно со податоците објавени од Државниот завод за статистика.

Предлог-измените се во согласност со барањата на Сојузот на синдикати на Македонија, кој лани поднесе иницијатива до Собранието за измени на Законот за минимална плата.

Поради зголемените трошоци за живот и енергетската и ковид кризата, Синдикатот бара минималната плата веднаш да биде зголемена на 18.000 денари.

За ова прашање денеска ќе заседава и Економско-социјалниот совет во кој покрај синдикатите, партиципираат и работодавачите и Владата.