Поп-пејачот Владо Јаневски го откажа својот настап на Мировниот фестивал, посветен на 21-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор. Јаневски беше најавен како една од неколкуте домашни и странски музички ѕвезди кои ќе настапат на 13 август на плоштадот Скендербег.
Менаџерскиот тим на пејачот денеска имаше официјално соопшение на социјалните мрежи во кое објаснува дека Јаневски нема да настапува еден ден по објавата дека ќе биде дел од музичката програма на Мировниот фестивал.
Министерството за Политички систем, кое е организатор на фестивалот, вчера на нивната официјална фејсбук страна го најави настапот на пејачот Владо Јаневски.
Претходно, пејачката Антониа Гиговска го откажа својот настап бидејќи како што младата пејачка наведе во соопштението не сака да биде дел од манифестации поврзани со политика. На социјалните мрежи имаше бурни реакции на оваа тема.
Фестивалот ќе се одржи утре на плоштадот Скендербег во Скопје. Вкупните трошоци за одбележувањето на 21-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор, државата ќе ја чинат 70.000 евра. Со Рамковниот договор е ставен крај на војната во Македонија во 2001 година.