Почина 46-годишната неготинка која беше претепана од партнерот

Вчера на скопските Клиники починала 46-годишната жена од Неготино, која беше претепана од страна на нејзиниот партнер П.Н. (51) во раните утрински часови на 2. август. Таа од тогаш беше во кома, поради тешките повреди и се бореше за живот.

Д-р Маја Мојсова, раководителка на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување рече дека жената кај нив била донесена со многу тешки повреди на мозокот и черепот.

„Пациентката кај нас беше донесена во кома. Стануваше збор за многу тешки повреди на мозок и на череп и веднаш беше оперирана. За жал, почина“ – изјави за „Фокус” д-р Мојсова.

Неготинката беше мајка на две полнолетни деца, а со П.Н. од Неготино била во врска подолг период.

Според информации од СВР Велес, во домот во кој живееле тој врз неа извршил насилство и ја удирал со боксови по главата.

Настанот бил пријавен во полиција од страна на дежурниот лекар од Итната медицинска помош Неготино.