Утрово почина Кирил Дојчиновски (78) – едно од најголемите фудбалски имиња во Македонија. Тој е првиот македонски фудбалер кој настапил на едно Светско првенство, во рамки на репрезентацијата на Југославија, во 1974 во Западна Германија.
Роден на 14 октомври, во Скопје, неговите фудбалски почетоци ги направил во Вардар, каде што минал 5 сезони, од 1962 до 1967 година. За „црвено-црните“ одиграл 218 натпревари, од кои 132 првенствени. Во 1967 преминува во редовите на белградска Црвена Звезда каде што останал 7 години.
Во периодот од 1970 до 1974 година бил стандарден член на репрезентацијата на поранешна СФРЈ предводена од Миљан Миљаниќ. Во играчката кариера станал четирикратен шампион на Југославија, освојувач на Митропа купот, полуфиналист во Купот на европските шампиони со Црвена Звезда во сезоната 1970/71 и четвртфиналист во сезоната 1973/74.
Тренерската кариера ја започна како селектор на Ел Салвадор, во 1989 година. Во 1990 кратко застана на чело на Вардар. Беше тренер и на грчки Ираклис, како и на македонските клубови Пелистер, Македонија ЃП, Брегалница Делчево и Брегалница Штип. Кариера ја заврши таму од каде што ја и почна, како тренер на својата најголема љубов, ФК Вардар, во сезоната 2007/08.