Граѓаните ќе имаат рецепти и упати, но ќе нема плати во јавното здравство, рече денеска Бранко Аџигогов, претседател на Синдикалната организација на Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ). Фондот од денеска штрајкува, откако од 9 јануари со препорака од Владата се бара намалување на платите од 21 процент.
Аџигогов вели граѓаните да не се мачат воопшто да доаѓаат за барање за рехабилитација, за надомест на ортопедски помагала, барања за исплата на породилно, барања за исплата на боледувања, како и барањата за осигурување во странство, т. е. за двојазичните обрасци.
„Досега нема пријавено никакви инциденти ниту проблеми, граѓаните се свесни за ситуацијата во која се наоѓаме. Поддршка добивме од сите синдикати во здравството. Ќе се извршуваат само неопходните работни задачи, како пријава на малолетно лице како член во осигурување, регулирање на осигурување за хоспитализирано лице и лекување во странство за итни случаи. Сакам да кажам дека лекарските комисии кои ги продолжуваат боледувањата си продолжуваат непречено да работат. Не ни е идејата врз болни лица да тераме правдина“, рече Аџигогов.
На новинарско прашање дали ќе има исплата на породилните отсуства, тој додаде: „Двете работи не се исти. Ќе нема исплата на породилни отсуства. Едното е, нашите лекари заедно со лекарите од болниците и здравствените домови кои учествуваат во комисиите да дадат наод, оценка, мислење за продолжување на боледувањето. Надоместот за исплата на плата се случува доколку се надмине 30 дена, после тоа се поднесува кај нас барање за надомест“.
Аџигогов исто така кажа дека не се врши исплата на сите кои имаат договор со ФЗО, тоа е јавното здравство и огромен дел од приватното здравство. Прекинати се договорите за вработување во јавно здравство, префрлувањата на договорите за јавно здравство и оние на кои со одлука треба да им се трансформира работниот однос.
„Во јавното здравство сега е пресметковен период, исто така и за буџетот, за капитациите. Сега за сега, во моментот не се работи ништо“, одговори Аџигогов на прашањето дали ќе има плати за вработените во јавното здравство.
Претседателот на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија на граѓани (УПОЗ) Трпе Деаноски кажа дека сите вработени во подрачните единици во ФЗО не ги извршуваат работните задачи, освен најитните.
„Расположението е моментанлно да се тера до крај, додека не се потврди онаа одлука, односно додека не ги добиеме оние плати што ги добивме со декемвриската плата. Не бараме ништо повеќе, бараме само да ни останат платите во оваа висина како што беа со декемвриската плата. Апелираме до Владата, на утрешната седница, на која веќе испративме допис до техничкиот премиер да отвори точка на дневен ред, да се разгледа ова наше барање, како што донесоа заклучок со препорака Управниот одбор да ги намали платите, да донесат нов заклучок со препорака да остане истата вредност на бодот, тоа е 77,16 денари, таа вредност да биде до крајот на оваа година. Апелирам до Министерството за финансии и кој и да го напишал она соопштение дека ако се исплатат повисоки плати дека нема да има лекови за граѓаните, да не се случи уште еднаш такво нешто, да не се лаже јавноста бидејќи не личи државен орган, министерство, да игра на емоции на граѓаните и да ги лаже дека нема пари во ФЗО. Многупати сме кажале дека ФЗО е институција со најголем буџет во државата и Фондот секогаш има пари. Ќе има пари и да останат овие плати на вработените како што тоа го договоривме со менаџментот на ФЗО. Во моментов, вработените во ФЗО немаат земено плата и не можат да земат сè додека не се донесе одлука од Управниот одбор“, рече Деаноски.