Поради загадениот воздух во регионот има над 30.000 предвремени смртни случаи

Западен Балкан има голем проблем со загадениот воздух, што предизвикува голем број на предвремени смртни случаи – заклучува студијата на регионалната кампања „Обединет Балкан за чист воздух“.

Според податоците, лошиот квалитет на воздухот во регионот предизвикува повеќе од 30.000 предвремени смртни случаи, а заедничкиот истражувачки центар на ЕУ укажува на фактот дека загадувањето на воздухот во просек придонесува за намалување на животниот век помеѓу 0,4 и 1,3 години во земјите од Западен Балкан.

„Затоа е неопходно итно да се подобри квалитетот на воздухот и јавното здравје, преку надградба на здравствените системи“ – велат од Европскиот фонд за Балканот.

Во студијата е посочено дека само електраните на јаглен на Западен Балкан предизвикуваат економска штета која се движи помеѓу 1,2 и 3,4 милијарди евра годишно за трошоците за здравствена заштита.

Целта на кампањата е да се информираат граѓаните за последиците од загадениот воздух и да ги поканат да се придружат во борбата за подобрување на квалитетот на воздухот и продолжување на нашите животи.