Поминаа 3 години од големата трагедија кај село Ласкарци

На денешен ден пред точно 3 години животите ги загубија 16 лица од Гостивар во големата трагедија кај селото Ласкарци.

Поради тоа, општинска делегација ќе го посети местото каде што се случи сообраќајната несреќа и ќе се организира комеморативен собир.

Од локалната самоуправа информираа дека градоначалникот на Гостивар – Арбен Таравари денеска во 13:30 часот ќе положи цвеќе на местото на трагедијата на локалниот пат во село Ласкарци.

„Подоцна, во 17:30 часот ќе се одржи комеморативен собир во паркот на градскиот плоштад за да ја споделиме болката со сите оние кои ги загубија своите најблиски во трагичниот настан. Ги повикуваме членовите на семејствата, пријателите на загинатите и другите граѓани да ни се придружат“ се вели во соопштението на општина Гостивар.

На собирот е предвидено е да се вклучат 16 рефлектори во спомен на жртвите кои во тој термин пред три години требаше да пристигнат во Гостивар од Скопје, со автобусот на превозникот „Дурмо Турс“.

Се уште е во тек судски процес во кој треба да се утврди вината за несреќата и да се утврдат причините кои довеле до неа.

Половина час откако тргна со патници од Скопје кон Гостивар, автобусот на автопатот, ја загуби контролата и падна на споредниот пат, пробивајќи ги заштитните огради.

Од превртувањето, 16 од патниците ги загубија животите, а 35 поминаа со тешки повреди.