Во најголемиот град во Казахстан, Алмати, од вечерва од 20 часот стапува на сила полицискиот час. Истиот ќе трае до 07 часот наутро, а властите апелираа до жителите на градот да останат смирени и да не ги напуштаат домовите непотребно.
Локалните медиуми јавуваат дека истрели се слушале во предградието на Алмати, а станува збор за продолжување на „антитерористичката операција“ што почна синоќа.
Аеродромот во Алмати е затворен, иако беше најавено дека ќе биде отворен на 10 јануари.
Ситуацијата во Казахстан синоќа се нормализираше по неколкудневните немири кои прераснаа во крвави судири со полицијата.
Демонстрантите упаднаа во неколку згради на државни институции, меѓу кои и претседателската резиденција.
Според тамошното МВР, во судирите меѓу демонстрантите и војската и полицијата загинале 26 лица, а повеќе од 1.000 луѓе се повредени. Уапсени се околу 3.000 лица.