Екс-бугарски премиер со став: Решение меѓу С. Македонија и Бугарија само ако двете страни разговараат како рамноправни

Филип Димитров – екс-бугарски премиер за актуелната ситуација меѓу С. Македонија и Бугарија вели дека решение постои ако двете страни разговараат како рамноправни.

„Не сум во позиција да и давам лекции на владата. Но, лично јас сум убеден дека нема начин да се договориме ако не разговараме како рамноправни, со снисходливост, и без вршење притисок… Проблеми и напрегања не може да нема, но тие се надминуваат со текот на времето, ако само еден, можеби посилниот, дава позитивни сигнали. Но, ако во поделено семејство некој удира со нога и вика: ‘Како не ме сакаш. Како ме сакаше пред десет години!’ Звучи прилично смешно, нели? Љубов и почит не се бараат на суд“ – вели во интервју за БГНЕС Филип Димитров.

Димитров вели дека историјата е многу важна, но нагласува дека разбирањето за неа се избиструва со текот на времето.

„Историјата е важна. Отсекогаш имало искривувања, но на крајот во светот опстојуваат поубедливите аргументи. Различните остануваат регионално затворени… Во нашиот регион, изгледа не сите разбираат дека политиката не е само пазарење. Прво треба да докажете кој сте и што сте, па дури потоа да барате поддршка“ – вели Димитров.

Димитров рече дека одлуката за безусловно признавање на Република Македонија од Бугарија на 15 јануари 1992 година му ја соопштил на Народното собрание. Запрашан која била водечката причина за признавањето на независноста на земјава, тој објаснува дека прашањето не било дали да се признае Македонија, туку кога и како.

„Војната во Хрватска продолжи и покрај прекинот на огнот на почетокот на јануари и опасноста од напад на непризнаената Македонија беше опиплива. Можете ли да замислите колкава маса бегалци ќе се упатеше кон Бугарија и колку би била неконтролирана ситуацијата кога би требало да се справиме со тоа? Знаевме дека Турција разговара за брзо признавање, но таа не би била директно засегната и само со решително однесување можевме да сметаме на привлекување меѓународна поддршка во таква ситуација. Нѐ знаеја како најверниот комунистички сателит. Набљудувајќи ги националистичките изблици во Грција, западните земји не знаеја што да очекуваат од нас и без наша јасна акција ќе заземеа став на чекање. Немаше време за двоумење. Во тоа време бригадирот Аспарухов нѐ плашеше со разузнавачки информации дека ако ја признаеме Македонија, ЈНА ќе ја нападне Бугарија, но јас сфатив дека ако нѐ спомнат нас, а не Македонија, тоа е само предизвикување страв“ објаснува тој.