Полицајци од Бирото за јавна безбедност во координација со Државниот пазарен инспекторат, Управата за јавни приходи и Државниот инспекторат за труд ноќеска меѓу 01:30 и 04:30 часот, спроведоа акциска контрола во четири ноќни клубови и кабареа во Битола.
Констатирано е дека 42 лица биле пуштени во четирите угостителски објекти без КОВИД-сертификат и тие се запечатени од страна на Државниот пазарен инспекторат, а ќе следат соодветни поднесоци.
Од полицијата информираат дека во два ноќни клуба била пронајдена дрога за што ќе бидат поднесени кривични пријави.
Како што соопшти МВР, до надлежното Обвинителство ќе биде поднесен и поднесок против сопственик на објект кој упатувал закани кон полициските службеници и инспекциските служби.
Ќе следат и соодветни поднесоци зашто во ноќен клуб е затекнат малолетник по 24 часот, а биле констатирани и прекршоци и по законот за пушење.
Констатирани се и случаи на неиздавање фискална сметка, а од страна на Државниот инспекторат за труд се констатирани 27 прекршоци за работење без договор за вработување.