Во американската сојузна држава Охајо вчера полицијата го убила Афроамериканецот Џејланд Вокер, (25). Информациите се дека кон него биле испукани десетина куршуми додека се обидувал да побегне, изјавил адвокатот на семејството на убиениот повикувајќи се на полициската снимка.
Инцидентот почнал кога полицајците се обиделе да го запрат Вокер поради сообраќаен прекршок. Вокер побегнал, а полицијата на Акрон соопшти дека полицајците пријавиле дека од возилото на осомничениот бил испукан куршум.
По неколку минути, Вокер излегол од возилото и почнал да бега додека полицајците го бркале и пукале кон него, изјавувајќи дека претставувал смртоносна закана, се наведува во полициското соопштение. Вокер бил убиен на паркинг.
Адвокатот Боби Дисело видео материјалот го опишува како брутален и кажал дека роднините на Вокер се загрижени дека протестите закажани за денеска би можеле да прераснат во насилни.
Полицијата во Акрон соопшти дека Вокер пукал со пиштол кон полицајците кои го бркале и планираат снимките од камерите на телата на полицајците да ги објават денеска на прес-конференција, неколку часа пред да се одржи протестниот марш.