Попладнево голем пожар изби во кругот на поранешната фабрика „Треска“ во Скопје на локација кој подолг период е во центарот на вниманието на граѓаните во Скопје поради интересот на инвеститорите да градат станбено-деловни објекти според Детален урбанистички план кој не е усогласен со Генералниот урбанистички план на градот.
Советот на Општина Центар донесе одлука да се распише конкурс за избор на идејно архитектонско решение за оваа локација, но по промената на локалните избори, новата администрација во Центар ретерира од обврската решенијата од конкурсот да се применат на оваа локација.
Градоначалничката на град Скопје по пожарот кој избувна попладнево изјави дека пожарот е најверојатно подметнат, а за тоа сведочеле и жителите на таа околина кои велат дека виделе неколку сомнителни лица во објектот.
„Пожарот е локализиран, имаше фантастична реакција на нашата протипожарна бригада. 55 пожарникари беа излезени на терен, работеа и веќе изминатите 2 часа сме тука и она кое што сакам да го кажам е дека од индициите кои што ги имаме најверојатно се работи за пожар кој што е започнат на потегот како што ми спомна командирот, со сомнение дека има лица кои што го подметнале. Тоа е информација која што ја добивме и од соседите кои што живеат тука и непосредно виделе лица кои што има на овој потег“ – изјави Арсовска.
Таа додаде дека се надева дека институциите ќе сторат се што е во нивна надлежност, да превземат мерки и да не се дозволи граѓаните да бидат во опасност.
„Она што го добиваме како информација е дека повеќе пати на овој потег се случуваат пожари. Јас сакам да верувам дека ќе се разреши оваа состојба со овој потег тука, меѓутоа и пред се не смее да се дозволи граѓаните на Скопје да се загрозени, нивниот живот и нивното здравје да се загрозени од некој што не е одговорен и кои што превзема постапки кои се на штета на градот и на луѓето“ рече градоначалничката.
Видео: Самопрашај.мк