
Пожарот во централна Грција го гаснат над 300 пожарникари – во текот на ноќта евакуирани села
Над 300 пожарникари интервенираат во големиот пожар што избувна вчера наутро во областа Виотија во централна Грција, што сè уште не е ставен под контрола, а во текот на ноќта од бројот 112 за итни случаи беа испратени пораки за превентивна евакуација на четири населени места, јави дописничката на МИА од Атина.
Над 300 пожарникари интервенираат во големиот пожар што избувна вчера наутро во областа Виотија во централна Грција, што сè уште не е ставен под контрола, а во текот на ноќта од бројот 112 за итни случаи беа испратени пораки за превентивна евакуација на четири населени места, јави дописничката на МИА од Атина.
Пожарот избувна вчера наутро и поради силниот ветер, што сè уште дува во областа, огнената стихија брзо се прошири и утрово се активни неколку жаришта.
Во текот на ноќта беа испратени пет пораки од бројот 112 за итни случаи до жителите и оние кои се наоѓаат во четири населени места во близина на пожарот, да се евакуираат.
Утрово, 12 лица со пловни средства на противпожарната и крајбрежната служба, по морски пат беа евакуирани од крајбрежното место Порто Гермено.
Евакуации по морски пат имаше и во текот на вчерашниот ден, како што објави МИА, кога 254 лица беа пренесени на безбедна локација.

Противпожарните сили денеска беа дополнително зајакнати и утрово интервенираат 325 пожарникари со 18 пешадиски тима и 92 возила, волонтери и цистерни од општината, а за гаснење од воздух на располагање се 18 авиони и 11 хеликоптери, но нивната интервенција зависи од временските услови, односно од јачината на ветрот, што утрово е силен и го попречува воздушното гаснење.
Министерот за климатски кризи и цивилна заштита, Евангелос Турнас, доцна синоќа беше во Порто Гермено, местото каде што е едно од жариштата во пожарот и на терен беше информиран за текот на големиот пожар.
Според сателитските снимки обработени од метеоролошката служба на Националната опсерваторија во Атина, чадот од конкретниот пожар, како и чадот од вчерашните пожари на Пелопонез и во Атика стигнал до бреговите на северна Африка, поминувајќи над 750 километри.

Освен пожарот во централна Грција, активен е уште еден пожар во северниот дел на Пелопонез што избувна вчера попладне, утрово интервенираат 75 пожарникари со четири пешадиски тима, 21 возило и цистерни од општината, а во текот на ноќта и таму имаше пораки од 112 за превентивна евакуација.
Во големиот пожар на островот Крит јужно од градот Ретимно, што избувна во средата, ситуацијата е значително подобрена, но на терен остануваат противпожарните сили за справување со евентуални разгорувања.