Повторно се отвора предметот „Мазут“, имало слабости во вештачењата

Истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ Неготино продолжува, откако Вишото јавно обвинителство Скопје го уважи приговорот на АД ЕСМ против одлуката со која претходно беше запрена постапката против 13 физички и едно правно лице.

Истрагата за набавките на мазут за ТЕЦ Неготино продолжува, откако Вишото јавно обвинителство Скопје го уважи приговорот на АД ЕСМ против одлуката со која претходно беше запрена постапката против 13 физички и едно правно лице.

Со новото решение, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција е задолжено да ја продолжи истрагата за сомневањата за злоупотреба на постапка за јавна набавка и перење пари, а обвинителот кој постапува во предметот добил и дополнителни насоки.

Од Вишото обвинителство велат дека при разгледувањето на предметот биле констатирани слабости во вештачењата врз кои првостепениот обвинител ја темелел одлуката да ја запре истрагата. Поради тоа, се бара повторно да се утврдат сите поединечни дејствија на осомничените и да се испита дали некој од нив директно или со помагање овозможил голема имотна корист за еден од осомничените и неговото правно лице.

Посебно треба да се провери дали средствата што ЕСМ ги добил наменски од државниот буџет биле злоупотребени преку примена на повластена законска основа од член 23 од Законот за јавни набавки. Вишото обвинителство го задолжило ОЈО ГОКК да прибере и дополнителни податоци од повеќе институции и да нареди нови вештачења, со цел прецизно да се испитаат сите околности и евентуалната кривична одговорност.

Претходно, ОЈО ГОКК ја запре истрагата по околу една година постапување, со образложение дека не биле утврдени докази дека осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставале на товар, ниту друго дело што се гони по службена должност. Во истрагата беа опфатени 13 лица, меѓу кои и бизнисменот Ратко Капушевски, сопственик на компанијата РКМ. Предмет на постапката беа набавките на мазут за ТЕЦ Неготино за време на енергетската криза, сомневањата за незаконито склучување договори и анекси, како и перење пари.

ОЈО ГОКК претходно тврдеше дека постапките биле спроведувани во услови на прогласена енергетска криза и согласно законските исклучоци, дека биле контактирани сите оператори со лиценца за трговија со мазут и дека не била утврдена штета за ЕСМ или за државниот буџет. ЕСМ, како оштетено правно лице, поднесе приговор на таквата одлука, кој сега е уважен.

Со одлуката на Вишото јавно обвинителство, тие заклучоци повторно ќе бидат предмет на проверка, а истрагата за набавките на мазут практично се враќа во активна фаза.

Предметот опфаќаше сомнежи за злоупотреби при јавните повици, незаконско склучување договори и анекси, како и сомнежи за перење пари.Но, по спроведената истрага, обвинителството објави дека не ги потврдило наводите од кривичната пријава.

Во официјалното образложение стои дека од прибраните докази не било утврдено дека осомничените ги сториле кривичните дела кои им биле ставени на товар, ниту било утврдено друго кривично дело кое се гони по службена должност.Во истрагата биле анализирани и прашањата за финансиската штета. И тука резултатот бил ист: не била утврдена штета врз АД ЕСМ или врз државниот буџет.

Не бил потврден ниту сомнежот за перење пари. Според обвинителството, исплатените средства не претставувале противправно стекната имотна корист, па финансиските трансакции не можеле да се третираат како перење пари или прикривање незаконски стекнати средства.

Покрај финансискиот аспект, истрагата ги разгледувала и испораките на мазут. Според ОЈО ГОКК, мазутот бил доставуван континуирано и навремено, без да биде загрозено производството на електрична енергија. Така, по повеќе од една година истрага, бројни сведоци, документи и вештачења, обвинителството оцени дека нема доволно докази за продолжување на постапката.