Пленковиќ и Мицотакис: Се залагаме за деескалација на тензиите меѓу Украина и Русија!
Премиерот на Хрватска – Андреј Пленковиќ и првиот човек во грчката Влада -Киријакос Микотакис денеска во Загреб повикаа да се намалат тензиите во украинската криза и ги поддржаа дипломатските напори на меѓународната заедница.
„Се залагаме за деескалација на тензиите меѓу Украина и Русија и меѓу Русија и Западот“ – рече Пленковиќ во заедничката изјава со грчкиот премиер.
„И двете држави ги поддржуваат дипломатските канали и напорите на меѓународната заедница. Нашиот заеднички став е намалување на тензиите“ – дополни Мицотакис.
Премиерите на двете земји-членки на ЕУ разговараа за економската, енергетската и одбранбената соработка.
„Драго ни е што и Грција и Хрватска ќе бидат едни од најбрзо растечките економии во 2021 година. Очекуваме раст од над 10 проценти овде, а Грција е многу блиску до сличен раст на БДП“ – истакна Пленковиќ.