Петмина загинати е епилогот по денешната експлозија и пожар во фабриката „Меламин“ во словенечкиот град Кочевје.
Претпоставките се дека сите петмина кои се водеа како исчезнати се загинати, додека шестмина се повредени, соопшти менаџментот на компанијата.
Директорот на компанијата – Сречко Штефаниќ изјавил дека шансите за преживување на петмината исчезнати се „речиси непостоечки“ поради јачината на експлозијата, пренесуваат словенечките медиуми.
Од оние шестмината повредени, двајца се со тешки изгореници и се во животна опасност.
Експлозијата се случи околу 8.30 часот во гратче со 8.000 жители, на кои веднаш им беше препорачано да ги затворат прозорците и да не излегуваат надвор.
Во тек е истрага за причината за експлозијата, а се претпоставува дека е последица на човечка грешка.
Фабриката „Меламин“ е основана во 1954 година и вработува околу 200 работници, а името го носи по хемикалијата што ја произведува, наменета за покривање на подови и мебел.