Петличковски: Проблем ни е одливот на најдобрите студенти, недостатоците во нашиот здравствен систем се организациски

СЗО прогласи крај на пандемијата, околу 7 милиони луѓе починаа како последица од коронавирус.

„Добро е што бројките во светот зборуваат за стишување на пандемијата, и ние препорачавме крај на сите задолжителни мерки. Вакцинацијата е причината заради која сме во оваа добра состојба. Ние со вакцинацијата за ковид потфрливме, не ги прифативме и затоа меѓудругото имавме поголем број на жртви. Можеше и подобро. Сега имаме добар имунитет, но тој се должи на прележување. Имунитетот се однесува само на ковид“ вели проф д-р имунолог Александар Петличковски, кандидат за декан на Медицински факултет во најновото издание на Трилинг.

Пандемијата покажа дека има недостаток на лекари, на прашање како да ги задржиме лекарите, Петличковски вели:

„Недостатоците во нашиот здравствен систем се организациски. Во еден период видовме дека и синхронизацијата може да функционира, тука треба да вложиме напори. Има недостаток на сестри, специјализиран кадар, најголем проблем ни е одливот на најдобрите студенти и лекари затоа што немаат соодветни услови кај нас, во јавното здравство. Мора да се фокусираме на практичната работа, тоа треба да го стимулираме“ вели Петличковски.

На 200 студенти завршуваат годишно, исто толку заминуваат – велат проценките.

„Ова е еден од мотивите поради кои јас се вклучувам во битката за декан“ вели тој.

Посочува „ако сите се сплотиме, може за студентите да овозможиме подобра средина. Студирањето ќе го завршат, но потоа, начинот на вработувањата, тука шкрипи работата“.

Најдобрите студенти треба да бираат каде сакаат да работат, вели тој.

Нашата покриеност на населението со доктори и сестри е пониска од просекот во развиените земји, мора да се решава на ниво на држава, смета Петличковски.