„Се забележува подобрување на епидемиолошката состојба, но тоа не значи и дека е добра. Препораката е граѓаните да примат трета доза вакцина, зашто тоа е најдобриот начин за заштита од тешки симптоми, хоспитализација и смрт“. Ова денеска го изјави претседателот на Комисијата за заразни болести – Александар Петличковски.
По редовната седница на Комисијата, тој рече дека има зголемување на нови случаи меѓу децата од 6 до 14 години, главно меѓу оние кои ја следат наставата со физичко присуство.
„Апелираме буквално да се следат протоколите за настава со физичко присуство, а учениците и родителите да го прифаќаат тестирањето“ вели Петличковски.
Во однос на смртноста, Петличковски информира дека најголем дел од починатите се невакцинирани, нецелосно вакцинирани или вакцинирани со две дози пред повеќе од шест месеци.
„Граѓаните да примат трета доза, зашто такви нема меѓу починатите, а хоспитализирани се многу малку. Третата доза штити највеќе од хоспитализација и смрт. Гледаме деновиве шарлатански, нестручни дебати, но ова се податоците кои се проверливи и најсилни – вакцинацијата со трета доза е најдобра заштита“ – потенцираше претседателот на Комисијата.