„Како премиер не преземам никакви обврски самостојно. За да има решение на спорот со С. Македонија прво треба да се поминат неколку филтри во Бугарија, како што се: МНР, Владата, коалициските партнери, Парламентот“. Ова го порача бугарскиот премиер Кирил Петков во изјава на тема за тргањето на бугарското вето за почеток на преговорите на С. Македонија со ЕУ.
„Ако нешто се случува на таа тема, тоа прво треба да биде на ниво на Министерството за надворешни работи, потоа да помине во Владата, кај коалицијата, да се донесе одлука меѓу коалициските партнери, потоа да влезе во парламентот и таму да се реши за да може да се преземат некакви ангажмани. Процедурата е многу јасна и многупати јасно ја повторувам. Лажна вест е дека премиерот имал некаков самостоен договор“ – рече тој.
Оваа порака на бугарскиот премиер доаѓа по средбата со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји во Софија кој на Твитер напиша „За три недели ќе се вратам во Софија за да најдеме заеднички јазик и поддршка од Бугарија за започнување на преговарачкиот процес со Република Северна Македонија во јуни“.