Копретседавачот на патијата „Продолжуваме со промената” – Кирил Петков за бугарските медиуми вели дека „една од првите задачи на новиот министер за надворешни работи на Бугарија и идниот бугарски премиер е да се формираат работни групи меѓу Бугарија и Северна Македонија кои ќе опфатат различни области“. Тој смета дека работните групи треба да бидат слични на оние во преговорите меѓу идните коалициски партнери во Бугарија.
„Да има работни групи за економија, инфраструктура, култура, историја, човекови права и да почнат да работат на секоја од овие теми што е можно потранспарентно, за да можат двата народа да се запознаат со реалните теми и секој да почне да размислува која е цената ако нема добрососедство меѓу двете земји и обратно – какви се успесите ако има вистинско добрососедство. Темата за историјата, која не треба да се игнорира, ќе стане една од темите на разговор, но нема да биде единствена“ вели Петков.
Тој не разбира зошто не се поврзуваат бизнисите на двете земји, да работат заедно, зошто нема заеднички концерти.
„Подготвеноста за компромиси за прашања што се важни за нас како народ и за нив како народ би требало полесно да ги решаваме. Тоа не може да се случи, ако за тоа зборуваат само Бугарија и Северна Македонија, туку целиот контекст мора да се отвори. Добрите резултати доаѓаат преку работа, а не преку добри идеи и слогани. Најтешко е кога лидерите не се виделе или ако се гледаат на секои шест месеци. Најмногу можеме да добиеме со добрососедство и во иден момент да ги решиме овие проблеми. Да бидеме дел од европското семејство што ќе биде многу добро и за целиот регион“ смета Кирил Петков.