Пентагон подготвен да испрати милијарда долари воена помош за Украина откако законот ќе помине во Сенатот

Пентагон е подготвен брзо да испрати пакет воена помош од милијарда долари за Украина, изјавија денеска неколку американски претставници, додека Горниот дом на американскиот Конгрес ја започнува расправата за долгоочекуваниот нацрт-закон за средства за Украина и другите сојузници на САД, што е веќе усвоен во Долниот дом.

Пакетот за странска помош од 95 милијарди долари беше усвоен од Претставничкиот дом во саботата, а денеска или утре се очекува одобрување од Сенатот.

Од вкупниот пакет помош околу 61 милијарда долари се наменети за Украина.

Пакетот вклучува и разновидна муниција, како и оклопни возила и друго оружје.

Американските власти рекоа дека некои оружја ќе бидат доставени на бојното поле многу брзо, можеби дури и во рок од неколку дена, но дека за некои работи „може да потрае малку подолго“.