„Во вториот мандат сакам да продолжам долж оние 3 клучни проекти кои ги најавив уште во 2019-та година и заради кои ја добив довербата на граѓаните од сите етнички заедници”, рече кандидатот за претседател во вечерашното интервју за телевизија Алсат. Притоа истакна дека за него е најважно да бидат стабилни меѓуетничките односи како гаранција за безбедност и економски раст на државата.
„Сакам да продолжам долж оние 3 клучни проекти кои ги најавив уште во 2019-та година и заради кои ја добив довербата на граѓаните од сите етнички заедници. Тоа се членството во НАТО – реализирано е. Понатаму, полноправно членство во Европска Унија. Почнавме преговори во овој мандат, се надевам дека во следниот мандат ќе ги завршиме, ако нема внатрешни опструкции и опструкции од нашиот источен сосед, се разбира. И она што е за мене и за сите нас би требало да биде најважното, меѓуетничките односи. Мора да се стабилни за државата да биде стабилни. Без стабилни меѓуетнички односи вие не можете да имате добра безбедност, без добра безбедност внатре меѓу нас, кои живееме – граѓаните на Македонија не можете да проектирате никаков економски развој кој би бил многу поголем од досегашниве стапки на развој”, подвлече Пендаровски.
Во рамки на претседателските надлежности, односно, надворешната политика, одбраната и безбедноста, Пендаровски посочи дека ќе делува со истите заложби како и во првиот негов мандат.