„Ако не соработуваме повеќе со соседите, илузија е да очекуваме поголема соработка со земјите членки на Европската Унија кои се подалеку во географска смисла од нас“. Ова го изјави Претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на подкастот „Европски муабети“.
„Еден значаен лакмус тест дали сте вие подготвени да бидете еден ден дел од Европската Унија е дали сте подготвени да имате продуктивна соработка со првите соседи и они кои ви се наоѓаат во истиот регион“ – вели претседателот Пендаровски.
Тој смета дека доколку политичарите кои младите луѓе ги избрале, не ја исполнуваат агендата за која се залагале и ја пропагирале во медиумите пред да бидат избрани, нема друг начин освен „да им се дише зад врат“ и да ги притискаат да се однесуваат на демократски начин и да не ги злоупотребуваат државните фондови за приватни цели.
„Нема никаква дилема и никој не треба да има дилема или сомнеж за инцијативата на Младинскиот сојуз за основање на грчко-македонски канцеларии за младинска соработка, односно за ефикасноста и продуктивноста на овие канцеларии, за она што е нивната примарна цел – приближување на младите генерации од двете држави, кои беа непотребно разделени и политички и на секаков друг начин речиси четврт век. Кога ќе ги приближите младите ќе видите дека нема никаква разлика меѓу нив, имаат исти радости, грижи, задоволства, иста музика слушаат исти филмови гледаат и делат исти вредности“ – посочи Претседателот.