Пендаровски: Пристапот на Петков дека историјата не треба да биде единствен канал е прифатлив

Македонскиот Претседател, Стево Пендаровски при денешната официјална посета на Косово изјави дека „Пристапот на новиот бугарски премиер Кирил Петков дека историјата не треба да биде единствен канал на комуникација е прифатлив, но не и временскиот рок од шест месеци“.

Пендаровски рече дека нема потреба од одолговлекување, а отворените прашања во останатите сфери може да се решат многу побрзо.

„Не знам од каде се тие оценки и на што се базираат, меѓутоа она што јас го знам, а би требало да го знам како претседател на државата во тој дел нема никаква најава дека ако чекаме подолго со нерешен спор со Бугарија или чекаме подолго да ги почнеме преговорите со ЕУ дека ќе дојде до каква била и од кого било иницирана внатрешна или од надвор дестабилизација на земјата. Меѓутоа, секако не да разговараме за тоа што се случило пред три или пет века. Тоа е модерен пристап кој го поддржувам, се разбира не го поддржувам временскиот рок бидејќи беше најавен за шест месеци, мислам дека проблемот меѓу нас може да се реши за многу покус временски период“ рече Пендаровски.