Пендаровски: Петков е технократ како Заев и мора секој нивни предлог трипати да го разгледуваме!

Македонскиот Претседател, Стево Пендаровски за бугарскиот премиер Кирил Петков, со кого попладнево се сретна во Вила Водно смета дека е нетрадиционален политичар. За предлозите кои доаѓаат од соседна Бугарија, Пендаровски во гостување на ТВ24 рече дека мора добро да се разгледаат.

„Има нестандарден вокабулар и не зборува со реторика препознатлива за некои бивши времиња. Тој е технократ и оптимист. Тоа исто беше Зоран Заев. Далеку сме во ситуација да речеме дека ситуацијата е завршена. Треба добро промислување на секој следен чекор. Другата страна наметна сет прашања кои задираат во нашиот идентитет и тоа не смееме да го дозволиме. Мораме при секој предлог кој доаѓа од најновата Влада од Бугарија, трипати да го разгледаме. Нема повеќе план 5+1 или предлог на кој чекаме одговори, па ќе дадеме наши. Тој план излезе после пропаднатиот Лисабонски предлог. Не добивме никаков одговор иако сметавме дека тоа е добра почетна точка за понатамошни разговори. Откако пропадна тоа, дури ни формално Бугарија не им соопшти на своите членки зошто го прави тоа. Се обидовме со мини пакетот 5+1 да ги одблокираме разговорите. По изборот на новата бугарска Влада, се предложија пет комисии да работат и ние се согласивме со тоа. 5+1 е ад акта. Ја спорам тезата дека нешто сме дале за да добиеме нешто за возврат“ – рече Пендаровски.

Претседателот истакна дека се надева дека решението е на дофат. Тој потенцира дека ниту еден бугарски политичар не го спори македонскиот јазик, ниту дека сме Македонци.

„Ова што денес го кажа Петков не е ништо ново. Ние и утре можно е да постигнеме договор со Бугарија зошто тоа е нејзино суверено право, да го задржи правото да го нарекува нашиот јазик македонски јазик во согласност со уставот на Република Северна Македонија, ама во билатерален контекст. Ниту една членка од ЕУ нема проблем со македонскиот јазик“ смета Пендаровски.

Тој е песимист кога се работи за брзо започнување на преговорите и зачленување во ЕУ.

„Било кој договор со Бугарија не треба да се крие од македонската и бугарската јавност и ако сакаме да потпишеме договор кој ќе трае и ќе биде прифатен од мнозинството граѓани, пред да го потпишеме да им го покажеме на граѓаните. Не само да го ратификуваме во Собранието. Насила таа работа не оди. На референдум треба да добиеме позитивен фидбек. Преговорите со ЕУ ќе траат со години. Откако ќе почнете со преговори, има многу препреки. Мора да обезбедиме поширок политички консенсуз“ дециден е Пендаровски.