Пендаровски: Најостро го осудувам каменувањето на „Македонски културен клуб – Никола Вапцаров“ во Благоевград

По повод најновите случувања во македонско-бугарските односи, поврзани со настаните и изјавите од овој викенд, претседателот Стево Пендаровски ја изнесе следната реакција:

„Најостро го осудувам вандалскиот чин на каменување на „Македонски културен клуб – Никола Вапцаров“ во Благоевград, Република Бугарија. Вандализам и криминал од овој вид не се европски вредности и потребна е осуда, а се разбира и откривање и соодветни казни за сторителите на овој чин, кажа Пендаровски.

Истовремено, тој изрази жалење за инцидентите на македонската граница предизвикани од страна на група граѓани на Република Бугарија предводени од пратеници во нивниот Парламент. Исто така изрази жалење што не сведочиме и на осуда за нападите насочени кон македонските полицајци и кон македонските институции.

Председателот на припадниците на полицијата и надлежните органи им честиташе за достоинството и професионализмот при справувањето со агресивните вандали.

Исто така, сакам да се осврнам и на изјавата на поранешниот амбасадор на Република Бугарија во Република Северна Македонија, а сегашен пратеник во Европскиот Парламент, Александар Јорданов, која содржи навреди и погрдни фрази за македонскиот народ, потполно недолични за еден дипломат и пратеник во Европскиот Парламент. Во овој случај сакам да додадам дека не станува збор само за отсуство на елементарна култура кај именуваниот, туку и за најостра форма на говор на омраза, која е без преседан во историјата на македонско-бугарските односи, дециден е Пендаровски.

За жал, како што кажа Пендаровски, територијалните претензии и негирањето на македонската нација станаа секојдневие.

За ваквите негаторски испади, очекуваме навремена и соодветна реакција на официјална Софија, кажа Пендаровски.