Папата Франциско: Законите кои ги криминализираат ЛГБТ луѓето се грев и неправда

Папата Франциско денеска изјави дека законите кои ги криминализираат ЛГБТ луѓето се грев и неправда.

Папата ова го кажа како одговор на новинарско прашање во авионот со кој се враќаше од посетата на Африка, а во својата позиција го поддржаа двајцата црковни поглавари кои го придружуваа.

„Криминализацијата на хомосексуалноста е проблем што не може да се игнорира“, рече Папата, цитирајќи статистика која покажува дека 50 земји во светот ги криминализираат ЛГБТ луѓето „на еден или друг начин“, а 10 земји имаат закони против нив, вклучително и смртна казна.

Шеесет и шест земји-членки на ОН сè уште го криминализираат консензуалниот истополов секс, според ИЛГА Ворлд.

Во неколку земји каде истополовиот секс е нелегален, казните може да вклучуваат и смртна казна.

„Тоа не е правилно. Луѓето со хомосексуални склоности се Божји деца. Бог ги сака. Бог ги следи. Осудувањето на таков човек е грев. Криминализацијата на луѓето со хомосексуални склоности е неправда”, рече папата.

Тој истакна дека католичкиот катехизам вели дека истополовата привлечност не е грев, туку сексуалните односи се грев. Тој наведува и дека ЛГБТ луѓето не треба да бидат маргинализирани.

Папата ја повтори својата позната изјава, дадена веднаш откако стана папа во 2013 година, велејќи дека не може да им суди на луѓето со такви тенденции кои го бараат Бога.

Тој исто така истакна дека за време на неговата посета на Ирска во 2018 година, рекол дека родителите не смеат да се откажат од своите ЛГБТ деца, туку мора да ги држат во скутот на семејството каде што ќе бидат сакани.