Пендаровски домаќин на Ифтарска вечера по повод Рамазанските пости

Претседателот Стево Пендаровски беше домаќин и се обрати на Ифтарската вечера, којашто ја приреди по повод Рамазанските пости и во пресрет на големиот муслимански празник Рамазан Бајрам.

На вечерата присуствуваа претставници од државно-владиниот врв, бизнис заедницата, претставници на верските заедници, претставници од академската заедница, од политичките партии, медиумите и граѓанските организации, како и претставници на дипломатскиот кор.

Согласно исламските верски обичаи, Поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема Шакир ефенди Фетаи ја одржа завршната молитва.

„Точно е дека имаме различни вери, одиме во различни храмови, читаме различни свети книги. Но, она што нè поврзува е меѓуетничкиот и меѓурелигиски соживот како наша најголема вредност која мораме да ја чуваме и околу тоа нема да правиме компромис. Соживотот не смее да биде жртва на дневно-политички интереси, особено во време на изборни години. Каква било изборна победа на сметка на соживотот би била еднаква на пораз за нашата заедничка татковина Македонија.

Затоа сме вечерва тука, да кажеме дека нема да дозволиме провокации и тензии на таа тема. Тука сме да дадеме пример за сите наши граѓани, дека можеме да живееме заедно и покрај нашите разлики во верските убедувања, како што било од памтивек.

Дозволете, уште еднаш, да ви посакам лесен пост и, во пресрет на Рамазан Бајрам, да ви го честитам големиот празник. Имајте пријатни денови исполнети со среќа, радост и бериќет“, истакна Пендаровски.